Според најновите резултати, по преброени 99% од гласовите во Полска и од дијаспората, Тшасковски – кандидат на владејачката коалиција од центар-десно – освоил 31,2% од гласовите, победувајќи во 10 од 16 региони и води во сите големи градови, како и меѓу гласачите во дијаспората.
Навроцки, кој влезе во вториот круг како второпласиран од вкупно 13 кандидати, освоил 29,7% од гласовите, малку повеќе од првичните анкети по затворањето на избирачките места.
Првичните анкети за вториот круг, објавени од телевизијата TVN, покажуваат дека Тшасковски има благa предност со 46% поддршка, наспроти 44% за Навроцки.
Дијаспората, која оваа година покажала зголемен интерес за изборите, најмногу гласови дала за Тшасковски – 36,82%. Но, таму на второ место се пласирал кандидатот на радикалната десница, Славомир Менцен, со 16,58%, додека на национално ниво е трет со нешто повеќе од 15%.
Полска пред избор: Европски пат или конзервативен пресврт?
Иднината на Полска, дали ќе продолжи по европскиот пат или ќе се врати кон конзервативниот модел, зависи и од тоа дали гласачите на радикалната десница ќе поддржат некој од двајцата кандидати.
Аналитичарите оценуваат дека младите гласачи и жените, кои беа носители на протестите против конзервативната власт до есента 2023 година, овојпат останале дома – изразувајќи незадоволство од исполнувањето на предизборните ветувања на премиерот Доналд Туск. Тие се разочарани од бавната обнова на независното судство, отсуството на реформи во законот за абортус и од недоволната борба против корупцијата.
Излезноста беше 66,8%, што е значително помалку од рекордната на парламентарните избори во 2023 година.
„Разновидната понуда на кандидати од десницата извади на гласање многу незадоволни граѓани кои најдоа начин да ѝ покажат жолт картон на владата“, изјави политичката аналитичарка Ана Војчук за „Газета Виборча“.