„Tesla“ ја тужи ЕУ

Американската компанија поднела тужба минатата среда, што бил и последниот ден од рокот за жалби, против Комисијата поради одлуката за царините

Американскиот производител на електрични автомобили Tesla поднел тужба против Европската комисија пред европскиот суд поради воведување додатни царини на електрични автомобили произведени во Кина, придружувајќи се на групата кинески производители и германскиот BMW, објави судот.

ЕУ ги воведе царините кон крајот на октомври, по истрага која, како што навеле, открила нефер предност на кинеските производители поради државни субвенции. Највисоката царина беше одредена за кинескиот производител на електрични автомобили SAIC, и тоа 35,3 проценти. Следуваат Geely со 18,8 проценти и BYD со 17 проценти.

Најниската царинска стапка што Комисијата ја одреди беше за увоз на автомобили кои Tesla ги произведува во Кина, и тоа 7,8 проценти.

Американската компанија поднела тужба минатата среда, што бил и последниот ден од рокот за жалби, против Комисијата поради одлуката за царините, придружувајќи се на компаниите Geely, SAIC и BYD, кинеската комора за надворешна трговија CCCME, како и германскиот BMW, покажуваат судските документи.

BMW во Кина со партнери произведува електричен SUV BMW iX3 и електричен Mini Cooper, кои ги продава на пазарот на Европската унија. Европската комисија ќе нанесе штета на европските интереси со овие царини, изјави во јуни директорот на BMW, Оливер Ципсе.

Европскиот парламент во извештајот објавен во октомври цитираше тврдења на „повеќе извори дека кинеските компании (како што се BYD, Nio и Xpeng) сè уште извезуваат релативно мал број автомобили и дека две третини од кинескиот увоз во ЕУ се состојат од возила кои познати компании од ЕУ и САД ги произведуваат во Кина“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни