Бројот на загинати во терористичкиот напад за време на прослава на еврејскиот празник Ханука на плажата Бонди во Сиднеј се искачи на 16 лица, соопштија австралиските власти. Нападот, кој официјално е прогласен за терористички чин, го извеле татко и син, а меѓу жртвите има деца, верски водачи и постари лица.
Според првичните информации, најмладата жртва имала 10 години, додека најстарата имала 87 години. Нападната била група граѓани кои го одбележувале првиот ден од Ханука. Околу 40 лица се повредени, дел од нив со тешки повреди.
Постариот напаѓач бил ликвидиран на местото на настанот, додека неговиот син се наоѓа во критична состојба. Австралиските медиуми, повикувајќи се на безбедносни извори, објавија дека станува збор за Саџид и Навид Акрам, а истрагата ја водат федералните безбедносни служби.
Јавниот сервис ABC објави дека во возилото на напаѓачите била пронајдена застава на ИСИС, што дополнително ја зајакнува оценката дека станува збор за идеолошки мотивиран напад. Австралиската разузнавачка агенција ASIO потврди дека еден од напаѓачите бил предмет на проценка пред шест години, но тогаш не бил оценет како закана.
Еден од напаѓачите бил совладан од цивил, продавач на овошје по име Ахмед, кој со голи раце успеал да го разоружа, спречувајќи уште поголем број жртви. Неговиот чин предизвика силни реакции на солидарност, а австралискиот премиер најави построги закони за оружје и дополнителни безбедносни мерки.
Исламската заедница во Австралија остро го осуди нападот, нагласувајќи дека насилството и екстремизмот немаат место во австралиското општество. Во меѓувреме, илјадници граѓани се собраа на импровизирани меморијали во близина на плажата Бонди за да им оддадат почит на жртвите.
