Терористички напад во Кашмир- убиени најмалку 20 туристи

Полицијата трага по сторителите, а засега никој не презеде одговорност за нападот.

Индиската полиција соопшти дека денеска најмалку 20 туристи се убиени во едно одморалиште во Кашмир, откако вооружени напаѓачи отвориле оган. Двајца полицајци изјавиле дека најмалку четворица напаѓачи, кои ги опишале како милитанти, денес пукале врз десетици туристи од непосредна близина.

Полицијата наведе дека најмалку 30 лица се повредени, од кои многумина се во критична состојба.

Инцидентот е опишан како „терористички напад“, а вината е насочена кон милитантите кои се борат против индиската власт во регионот на Кашмир.

„Овој напад е пострашен од сè што сме виделе во последниве години“, напиша Омар Абдула, висок официјален претставник од Кашмир, на социјалните мрежи.

Полицијата трага по сторителите, а засега никој не презеде одговорност за нападот.

Индискиот министер за внатрешни работи, Амит Шах, отпатува во Сринагар, главниот град на Кашмир, и изјави дека премиерот Нарендра Моди, кој се наоѓа во официјална посета на Саудиска Арабија, е информиран.

„Ќе се пресметаме жестоко со сторителите – со најтешки последици“, напиша Шах на социјалните мрежи.

Мирваиз Умар Фарук, лидер на движењето за отпор против Индија во Кашмир, го осуди нападот и го нарече „кукавички напад врз туристи“, додавајќи на социјалните мрежи дека „ваквото насилство е неприфатливо и спротивно на духот на Кашмир, кој ги пречекува посетителите со љубов и топлина“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни