Во време кога Нацрт-измените на Законот за високо образование повторно ја отворија дебатата за насоката во која се движи македонскиот образовен систем, младите гласно прашуваат – кој и во чие име ги носи одлуките? Теодора Милеска, млада жена и активистка која дипломираше на студиите по Меѓународни и интеркултурни студии, јавно реагира на изјавите на министерката за образование, предупредувајќи дека новиот закон не смее да стане уште еден експеримент врз студентите.
Во ова интервју за Трн,таа зборува за проблемите со признавањето на дипломите, за „системот што ја наградува послушноста“, за дилемата дали младите треба да заминат или да останат и зошто реформите мора да бидат темелни, а не политички.

Трн: Теодора , неодамна имаше јавна реакција до Министерката за образование поврзана со Нацрт измените за Законот за високо образование кој е актуелен деновиве. Може ли да ни објасниш кои се главните недостатоци на овој закон гледано од агол на студентите, особено во делот на пречките со кои се соочуваат студентите кога станува збор за признавање на нивните дипломи и експертиза?
Teoдора: Иако не сум тип што често ги користи социјалните мрежи за објавување на своето мислење во пишана форма, сепак оваа одлука беше поттикната од неудобноста која беше предизвикана од излагањето на министерката во дебата за новиот предлог закон. Не можеме и не смееме како претставници на влада, а уште помалку како членови на академската заедница, да прикажуваме неточни информации како факти на национални платформи, доведувајќи ги во заблуда граѓаните, кои и онака немаат дополнително време
на верификација на истите. Па оттука мојот смер, каде што ги завршив додипломските студии Меѓународни и интеркултурни студии беше прикажан како чир на Филозофскиот факултет и израмнет со непотребна програма или онаа која ќе е прва на удар при кратењето на каталогот на профили кои произлегуваат од универзитетите. Генерално моето согледување за новиот закон, апропо дебатата на телевизија, е дека не смееме да дозволиме носење на закон за образование кој ќе придонесе кон општата крива на неписменост која се случува на глобално ниво и е отсликана и кај нас. Предмети како академско говорење е пишување се темелот за станување на академски граѓанин и не смее да бидат избор туку обврска. Дополнително, ограниченото, па би рекла и некое старомодно гледање на програмите, и делење на профилите на вработливи и невработливи, ја одзема можноста на младите кај нас да стекнат знаење и развијат вештини во области кои се релеватни и потребни. Оттука важно е нашиот образовен систем да е во тек со новините, откритијата но и потребите на едно општетсво кое во постојат раст и развој. Ова не го кажувам со цел да се скратат одредени програми, туку да се оди чекор назад и да се реобмисли нивната симбиоза и меѓуповрзаност. Впрочем замислете колку би бил полесен целиот овој процес доколку покрај сите останати чинители вклучени во развивање на законот е вклучен и експерт/тка чиј област од интерес
се образовни политики. За една квалитетна, сеопфатна образовна политика ни е потребно учество и придонес од сите засегнати страни, но и (независен) експерт кој би го водел целиот овој процес.
Секако, овој профил не постои во нашиот образовен систем а уште помалку во класификацијата за признавање на дипломи. И не е единствен, со години колеги од други студиски програми се бореа и сѐ уште се борат за нивно инстутиционално признавање.
Па така една реформа во политичкиот систем не е решение за сѐ, со себе повлекува потреба од еден поширок системски одговор,и рефлексија на промените на секое ниво. И чудно е и смешно ми е кога програмата како мојата која поврзува различни области – политички науки, одржлив развој и мир – се гледа како слабост на овој систем, а не како предност за премостување на предизвиците.
Трн: Генерално како го оценуваш предложениот Нацрт закон? Што ќе добие образованието и студентите, а што ќе изгуби ако законот како таков се усвои?
Teoдора: Нашето образование и студенти секогаш губат во овие ситуации, особено кога не се активни чинители во создавањето на законот и не се земаат предвид нивните забелешки и конструктивни критики. Јас сум дел од последната генерација на осмооделенска настава, жртва на воведување на екстерното тестирање, а сега сум сведок на образованието кое го добива и мојата помала сестра во средно и кое не е ни приближно она што би сакала да го гледам. Најтрагично е што не само јас туку и целата моја генерација се чувствуваме како постојано да сме дел од некакви испитувања и нѐ третираат како лабораториски глувци сите до една од политичките структури кои наместо да создадат образование, не по европска туку по светска мерка, тие постојано експериментираат со своите замисли за реформа на нашето образование. Кога реформите стануваат секојдневие, знаете дека не функционираат. Една реформа треба да трае со години, пред да се види нејзиниот резултат, а се додека политичарите во нашата држава го користат образованието како поле на покажување сила, а не како поставување на заеднички темел на едно здраво
општество, младите губат и ќе продолжат да губат.
Трн: Можеме ли да излеземе од „систем кој ја наградува послушноста“ и да станеме „систем кој го наградува знаеењето“?
Teoдора: Апсолутно да. Можеби сум оптимистка, но верувам дека можеме да го трансформираме овој наш и онака кревок систем во вистинска алатка за напредок. Некогаш е тешко, но е важно да сфатиме дека и ние сме дел од тој систем и дека можеме да направиме промена – не е лесно, напротив, но е важно и клучно да не ја изгубиме надежта и стремежот за подобро. Секако, ова оди рака под рака со преземање на одговорност. Сите сме дел од овој систем, но не сите ја делиме моќта подеднакво. Па така кога зборуваме за систем кој наградува знаење и вредностите кои се потребни за изградба на истиот, важно е дека тие важат подеднакво за сите, особено оние на врвот на скалата на моќ.

Трн: Токму од тука верајотно почнува и дилемата на голем дел од младите – дали да останат во Македонија или да бараат можности во странство. Кои фактори според тебе се клучни за оваа одлука?
Teoдора: Како млад човек кој во моментот се наоѓа во таа фаза, можам и лично да кажам дека има многу работи кои се движат од потребата за повеќе можности и искуства па се до реалноста дека сакам да живеам во град, општество каде можам да се потпрам на тоа дека автобусот ќе дојде согласно возниот ред, или дека можам да излезам надвор и да дишам чист воздух. Секако влијае и тоа што последниве неколку години сме погодени од трагични настани кои ги категоризираме како „несреќи’, а не како резултат на еден систем кој врти глава на страна кога станува збор за корупција. И така се нижат една на друга овие работи дека можеби некогаш е (по)лесно да си заминеш и откажеш, отколку да останеш и да се бориш, што само по себе прави чувство како да си Дон Кихот со ветерниците. Во мојот случај сите овие работи се фактори, а дополнително и потрагата по квалитетно образование во област која во моментот не е достапна кај нас.
Трн: Колку достапноста на европските програми и фондови влијае врз можностите за професионален развој на младите и колку тие можат да ги користат ресурсите на ЕУ за да ги реализираат своите идеи, дури и ако се соочуваат со ограничувања во домашниот систем?
Teoдора: Мислам дека има огромно влијание, и многу сум среќна што како млади од Македонија сме подобни за многу можности за професионален и образовен развој. Со тоа што би кажала дека можеме да бидеме уште подобри во делот на самата пристапност на истите, и кога велам пристапност мислам колку навистина се вложува во тоа сите млади, а не само младите од урбаните подрачја да бидат запознаени и да може да се земат учество. Тука клучна улога имаат институциите, граѓанскиот сектор и нивната синергија во доближување и промоција на овие можности, подеднакво, до сите.
Трн: Што те мотивира да продолжиш да се бориш за системски промени и признавање на компетентноста кај младите?
Teoдора: Би рекла моите врсници и сите оние кои доаѓаат по мене. Да се биде активистка не е лесно, најмногу поради тоа што се соочуваш со многу разочарувања. Да, има и победи ама овие разочарувањата и поразите некако се почести. Јас црпам најмногу мотивација кога имам настани со млади (особено оние кои се помлади од мене), кога слушам за кои се нивните соништа, нивните идеи, таа убава наивност и ослободеност од граници, за како треба да изгледа иднината. Кога ова го правиш со години, некогаш имаш товар на цело она искуство кое лека полека поставува ограда за што е возможно, а што не е а
ваквите моменти ме потсетуваат зошто почнав и уште поважно зошто треба да продолжам. Промената секогаш започнува и ќе започнува од нас самите.
Трн: Kаде ја гледаш иднината на младите во Македонија во наредните 5–10 години и што е најважно да се промени за тие да останат и да се развиваат овде?
Teoдора: Ако продолжиме со истиснување на младите од процесите на креирање на политики, не ги вклучуваме активно во заедничко градење на овие системи, и не ги земеме предвид нивните погледи и секојдневни предизвици, не гледам некоја посветла и просперитетна иднина за младите. Но, од друга страна доколку државните институции и политичките елити се спремни да ги направат гореспоменатите чекори поддржани со реформирање на „систем кој ја наградува послушноста“ во „систем кој го наградува знаењето“, тогаш мислам дека имаме шанса да изградиме поправедно, поздраво и подобро општество за
сите нас.