Нов дипломатски судир избувна меѓу САД и Германија откако американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ја обвини Европската унија за мешање во изборите во Унгарија, што веднаш предизвика остри реакции од Берлин. Германската влада ги отфрли овие тврдења како неосновани и лицемерни, посочувајќи дека токму посетата на Венс на Будимпешта неколку дена пред гласањето може да се толкува како директно влијание врз изборниот процес.
Според германските претставници, самиот факт што висок американски функционер јавно ја поддржал актуелната власт отвора прашања за двојни стандарди во однос на наводното странско мешање
Венс, кој настапи рамо до рамо со унгарскиот премиер Виктор Орбан, изјави дека изборната кампања во земјата е „еден од најлошите примери на странско мешање“ што ги видел, обвинувајќи ги „бирократите во Брисел“ дека се обидуваат да го ограничат изборот на унгарските граѓани. Тој истовремено му даде силна поддршка на Орбан, кој се бори за нов мандат, што дополнително ги засили критиките од унгарската опозиција.
Лидерот на опозицијата Петер Маѓар остро реагираше, порачувајќи дека ниту една странска држава не треба да се меша во изборите и дека иднината на Унгарија треба да ја одлучуваат нејзините граѓани, а не центри на моќ како Вашингтон или Брисел. Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати изрази поддршка за Орбан, што претставува редок пример на отворена американска поддршка за европски лидер во изборен процес
Од германска страна беше нагласено дека канцеларот Фридрих Мерц нема фаворит и дека ќе ја почитува одлуката на унгарските гласачи. Овој спор дополнително ги нагласува растечките политички разлики меѓу Вашингтон и дел од европските престолнини околу демократијата, суверенитетот и улогата на надворешните актери во изборните процес.