Тендерот за Универзална сала поништен по жалба – нов оглас следната недела

Тендерската постапка за избор на изведувач на реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје е поништена, соопшти министерот за култура и туризам Зоран Љутков при денешната посета на „Театар Комедија“.

Причината е поднесена жалба од единствениот понудувач, поради што Комисијата за жалби постапката ја вратила назад.

„За жал, добивме известување дека тендерот не помина поради поплака од изведувачот, кој воедно беше единствен понудувач. Според мене, проблемот не е суштински, но мораме да го почитуваме решението. Веќе следната недела повторно ќе го распишеме тендерот“, изјави Љутков.

Одложување до средината на јануари

Министерот посочи дека поништувањето ќе го одложи процесот за уште околу два месеци, што значи дека изборот на нов изведувач се очекува дури кон средината на јануари.

Тој додава дека постапката овој пат ќе биде пократка бидејќи дел од техничките забелешки веќе се расчистени:
„Фазата за подготовка на тендерот претходно траеше 15 до 20 дена. Сега за тој дел нема забелешки, така што веднаш штом истечат задолжителните десет дена, тендерот повторно ќе биде објавен. Се надевам дека до средината на јануари ќе го имаме новиот изведувач.“

Реализација до 2027 година?

На прашањето дали Универзалната сала ќе биде готова до 2027 година – кога Скопје треба да ја реализира програмата во рамките на проектот „Европска престолнина на културата“ – Љутков изјави дека очекува динамиката да се забрза со новиот тендер.

Претходно, во септември тој најави дека изборот на изведувач и надзор треба да почне на почетокот на октомври, по што изградбата ќе се одвива по систем „клуч на рака“. Планот останува салата да биде завршена до крајот на 2027 година, за програмата да почне во 2028.

Долга историја на застои и проблеми

Реконструкцијата на Универзалната сала трае со години и е обележана со повеќе прекини. Работите започнаа кон крајот на мандатот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов. Со доаѓањето на поранешната градоначалничка Данела Арсовска, реконструкцијата беше стопирана речиси две години.

Владата подоцна ја префрли надлежноста на Министерството за култура, по што работите накратко продолжија – сè до април минатата година, кога во салата избувна пожар што повторно ја прекина реконструкцијата.

Новата тендерска постапка, која треба да стартува идната недела, ќе покаже дали конечно ќе се обезбеди стабилен изведувач кој ќе го доведе проектот до неговиот многупати одложуван крај.

Извор: 360 степени

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни