Министерството за транспорт и врски распиша нов тендер за набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за нивно полнење, со проценета вредност од 51 милион евра. Наместо првично најавените 120, сега се планира набавка на 150 автобуси – 100 за Град Скопје и 50 за други општини низ земјата.
Според техничката спецификација објавена на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, автобусите треба да бидат во црвена или бела боја, со најмалку 33 седишта и капацитет од минимум 66 патници. Предвидени се и 75 станици за полнење, секоја со моќност од најмалку 120 киловати по приклучно место.
Крајниот рок за доставување понуди е 30 март.
Втор обид по неуспешниот тендер
Ова е втор обид на Владата да обезбеди нови електрични автобуси, откако претходниот тендер објавен во јуни пропадна – единствената пријавена фирма не ги исполнила условите.
Во меѓувреме, јавниот превоз во Скопје продолжува да функционира со сериозни проблеми. Автобуси се чекаат и по 40 минути, а редовноста на линиите останува спорна.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во изборната кампања најавуваше дека до март нови автобуси ќе бидат на улиците. Во изјава дадена на 25 февруари, тој посочи дека очекува годинава да пристигнат возила кои „сериозно и драматично ќе ја подобрат ситуацијата“, но не прецизираше дали сите 100 автобуси за Скопје ќе бидат испорачани одеднаш.
Алармантни бројки за ЈСП
Истражување на Центарот за граѓански комуникации покажува дека ЈСП „Скопје“ располага со вкупно 341 автобус, но дневно се исправни околу 185, а во сообраќај излегуваат само околу 157 возила.
Во последната деценија бројот на превезени патници опаднал драстично – од 52 милиони во 2015 година на околу 22 милиони денес, што значи пад од 30 милиони патници годишно.
Прашањето останува: дали овој тендер конечно ќе донесе конкретно подобрување за скопјани или повторно ќе се соочиме со одложувања?