Хемикалија во темното чоколадо поврзана со побавно биолошко стареење

Истражување од Лондон открива поврзаност меѓу теоброминот и „помладото“ тело, но научниците предупредуваат на умереност

Хемикалија која природно се наоѓа во какаото и темното чоколадо може да биде поврзана со побавно биолошко стареење, покажува ново научно истражување спроведено од експерти од King’s College во Лондон.

Станува збор за теобромин, соединение присутно во зрната какао, чијашто концентрација во крвта научниците ја анализирале во однос на маркерите за биолошко стареење. За разлика од хронолошката возраст, биолошкото стареење покажува колку телото е „старо“ во смисла на здравје, функции и клеточни процеси.

Истражувањето опфатило 509 испитаници од Велика Британија и 1.160 лица од германската студија Kora. Резултатите покажале значајна поврзаност меѓу повисоките нивоа на теобромин во крвта и побавното биолошко стареење.

Иако научниците не препорачуваат зголемена консумација на темно чоколадо, тие посочуваат дека наодите отвораат важни прашања за улогата на секојдневната храна во процесите на стареење и долговечност.

Теоброминот, според истражувачите, е релативно слабо проучен фитонутриент, но досегашните податоци го поврзуваат со низа здравствени придобивки и потенцијално подолг животен век. Сепак, истражувањата за неговото дејство кај луѓето се ограничени и потребни се дополнителни анализи.

Водечкиот научник во студијата, д-р Рами Сад, клинички генетичар од King’s College, истакна дека откритието е особено возбудливо бидејќи отвора можност за подлабоко разбирање на врската меѓу исхраната и епигеномот – механизмите што влијаат врз тоа како се „вклучуваат“ или „исклучуваат“ одредени гени со текот на времето.

„Овој пристап може да нè доведе до клучни сознанија не само за стареењето, туку и за чести и ретки болести“, вели Сад.

Професорката Џордана Бел, експерт за епигеномика, нагласува дека студијата не повикува на промена на исхраната, туку на подобро разбирање на тоа како одредени компоненти во секојдневната храна можат да остават траги на подолг и поздрав живот.

Истражувачите тестирале и други молекули кои се наоѓаат во какаото и кафето, но укажуваат дека ефектот на побавно биолошко стареење бил специфично поврзан со теоброминот.

Во следната фаза, научниот тим ќе испитува дали овој ефект е резултат исклучиво на теоброминот или на неговата интеракција со други соединенија во темното чоколадо, како што се полифенолите – моќни антиоксиданси кои се наоѓаат и во овошјето, зеленчукот, чајот, кафето и виното.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни