Женското тело денес е законска одредба, религиозна норма, семејна обврска и национален симбол. Женското тело е сè, само не е наше. Мое.
За него одлучуваат политичари, инфлуенсери, медиуми, свештеници, аналитичари. Случајни минувачи. Ние го носиме, но не секогаш го поседуваме.
Женското тело е уредено со закони. Закон за абортус, за контацепција, за семејство…
Жесното тело е традиција. „Кога ќе се омажиш?“, „Сè уште не си мајка?“, „Зарем само едно дете?“, „„Зарем само 2 деца?“… Личната автономија исчезнува зад слоганите за семејството, традицијата, честа и културата.
Телото е морал. Од облеката, движењето, однесувањето. Како треба да изгледам, како да се движам. Дали сум премногу провакативна? Дали сум премногу конзервативна? Дали сум несоодвето „расоблечена“ или уште понесоодветно „преоблечена“?
Женското тело е симбол. Жената се претвора во проекција на нацијата, на традицијата, на политичките вредности. Женското тело е глува платформа на која се сликаат морални, религиозни и политички пораки. Мојата сопствена желба и мојот избор не ретко се само декор.
Во земјава формално имам право на избор. Неформално, тој избор е постојано под сомнеж. Изборот доаѓа со фусноти. „Слободна си, ама…“„Твое е телото, ама знаеш како е кај нас.“ „Никој не ти забранува ништо, само…“ Тоа „само“ е просторот каде што телото престанува да биде лично и станува јавен проект, нешто што треба да се усогласи со традицијата, со политиката, со моралот на другите.
Контролата на телото е алатка на моќта. Кога државата, традицијата и политиката зборуваат за женското тело, тие не зборуваат за здравје или морал. Тие зборуваат за тоа кој има право да одлучува, а кој само да слуша. Животот на жената станува доказ за послушност, а не за лична автономија.
Жените не се само жртви на насилство или на политички притисок. Секое тело кое се појавува во јавноста се користи за наративи: таа е мајка, таа е чест, таа е нацијата. И секое ограничување, секое намалување на автономијата, е потсетник дека личната сопственост над телото не е право туку привилегија која никогаш не ни е дадена.
Телото носи историја, мемории, желби, но најмногу, тоа ме носи мене. И тоа е доволно.
Моето тело не мора да биде „пример“ или „симбол на моралот“. Тоа не е јавен проект, туку личен свет кој не бара дозвола за да постои. Никој не треба да го регулира, не треба да го критикува, не треба да го потценува.
Јас сум таа што го држи клучот и има право да го дефинира моето тело. Моето тело е мојот терен, мојата граница, мојата историја и мојот избор. Телото не е проект, не е симбол, не е доказ за туѓите вредности.
Ова не е текст за стил на живеење, туку за моќ. За тоа кој зборува, кој одлучува и кој молчи. Ова не е културна дебата, туку политичка реалност
