Од бактерија до движење: како изгледа телото под микроскоп?
„Претставувајќи микробиолошки процеси преку перформанс, најголем предизвик беше научниот аспект – како да одгледаме бактерии, како да ги набљудуваме и интерпретираме“, вели кореографката Симона Деаконеску. Заедно со драматургот Ванеса Рогојан, две уметници без научно образование, вложиле месеци во разбирање на лабораториските методи. Но откако светот под микроскоп им станал визуелно достапен, движењата што ги креирале станале природна визуелна поезија.
„Целата структура на BLOT е изградена врз меѓузависност. Танчерите никогаш не се допираат, но се постојано поврзани преку време и реакција. Како бактериски култури кои коегзистираат, без мешање“, додава Симона. Овој пристап не само што создава сценска магија, туку и го поставува телото како екосистем — тело кое не постои во изолација, туку во симбиотска поврзаност со другите.

Перформансот е дел од поширокиот фестивалски фокус на телото како пејзаж, како трага, како релација. Со теми кои го допираат еко-феминизмот, релациите меѓу човекот и микросветот, и новите начини на согледување на телото, ППФ 2025 ја отвора сцената за прашања кои се и поетски и политички.
„Беше неверојатно да сфатам дека секогаш кога се допираме или дишеме заедно, разменуваме бактерии – тоа значи дел од нашата микробиолошка идентитет се трансферира. Оваа позитивна ‘контаминација’ нè обликува и на биолошко и на социјално ниво“, вели Деаконеску.
Уметност во заедница: визијата на ППФ
Кураторките на ППФ, Викторија Илиоска и Биљана Тануровска, годинава фокусот го поставија на перформанси кои ја отвораат сцената за нови естетики и нови политички позиции. „Визијата за инклузивни и одржливи уметнички практики ја градиме со проекти како ‘Body Landscapes’, кои се поврзани со теми како еко-феминизмот. Сакаме да отвориме прашања за тоа како овие практики може да бидат одржливи — не само финансиски, туку и како може континуирано да се поставуваат и прикажуваат“, вели Тануровска.

Фестивалот овој јуни е резултат на соработка со програмата Perform Europe, но и со партнерски иницијативи како „Скопје Прајд Викинд“. За ППФ, одржливоста не е поим во воздух — таа е можна само низ заедништво.
„Имаме многу предизвици — од недостаток на техничка поддршка и соодветни простори, до финансиски ограничувања. Современиот танц е постојано на маргините“, сведочи Тануровска. Оваа година фестивалот добил само 400.000 денари – износ кој инаку оди само за една продукција.

Но, ППФ не се откажува. Наместо класичен кураторски избор, програмата се гради од вмрежување со пријатели, колеги, фестивали, универзитети. „Оваа година, за првпат ја организиравме Македонската кореографска платформа — сакаме да покажеме кои естетики и начини на кореографирање се присутни кај нас.“
ППФ 2025 е тело во движење. Тело на отпор. Тело на заедница. И како што велат Тануровска и Деаконеску — вистинската уметност никогаш не стои во место. Таа дише, се поврзува, се контаминира. И токму затоа – трае.