Скоро и да не постои човек во денешно време кој не користи мобилен телефон. Некој ќе рече дека е потреба, друг ќе каже дека е порок. Познавачите на ситуацијата се децидни дека и едните и другите се во право. Таквиот став го темелат не само на искуственото и теоретско знаење, туку се водени и од бројни научни студии.
Истражувачи од Кралскиот колеџ во Лондон направиле мета-анализа во која биле вклучени повеќе од 40 различни студии, кои покажале дека во просек 23% од децата, тинејџерите и младите луѓе до 25 години страдаат од зависност од паметни телефони.
Во овие студии анализирани се 41.871 лице и во секоја од нив е откриено дека од ова нарушување страдаат од 10 до 30 проценти од испитаниците. Детектирана е конзистентна поврзаност помеѓу ПСУ (Проблематична употреба на паметни телефони) и проблемите со менталното здравје.
Сепак, концептот на зависност од паметни телефони е контроверзен во академските кругови, па оттука му е дадена и кованицата ПСУ. Меѓутоа, извештаите кои произлегуваат од анализата покажуваат дека има доволно докази за оваа состојба да се поврзе со клиничките психијатриски проблеми.
Заклучок е дека постои итна потреба да се развијат алатки што ќе ја намалат ПСУ, како и да се осмислат соодветни мерки што ќе ја спречат зачестеноста на ова нарушување. Производителите на телефони почнаа да го прифаќаат тоа. На пример, „Епл“ го лансираше „скрин тајм“ во иОС 13, што им овозможува на родителите да контролираат колку време нивните деца ќе го користат својот паметен телефон. Некои апликации, како „Јутјуб“, им овозможуваат на корисниците увид во времето кое го потрошиле гледајќи видеа на оваа платформа.
Замислете кој стрес е да се изгуби мобилен апарат!
„Замислете кој стрес е да се изгуби мобилен апарат! Не е за парите туку за изгубениот контакт со виртуелната реалност! Немаш телефон- немаш ништо“, вели Татјана Алексиќ, наставник по македонски јазик во СУГС Раде Јовчевски – Корчагин. Според неа сега е доцна за одвикнување, за медиумско описменување, за мерки во вид на забрани, за казни, за одродување од сраснатите таблети и телефони во мозокот на децата, но и кај возрасните.
„Постојат клиники за одвикнување од компјутерска зависност, тоа е доволен факт дека се опасни играчки за големи и мали. Малите деца, адолесцентите и студентите треба според возраста да користат компјутери и мобилни апарати. Мали деца до десет години немаат реална потреба од компјутери и телефони. По мене и до 18 години не треба повеќе од 2-3 часа дневно пред компјутер, и така ќе мора да користат компјутери дур студираат и работат. Централно место во текот на нивното растење и зреење треба да е човек, а не компјутер, животински свет, флора и фауна, дружење со природата, а не виртуелни волшепства. Но кој да ги анимира подобро од компјутерските чудовишни анимации? Кога последен пат сте виделе дете како меси леб со бабите, сади цвеќенца во двор или саксија, небитно? Сѐ поретко ги гледам во парк како си играат додека дедовците им бистрат политика на клупа. И тие седат покрај нив на клупа и „зеваат” во мобилните, прават селфи или се занимаваат со Тик – ток предизвици… Немаат развиено ни просторна ни ботаничка интелигенција, не разликуваат инсекти и растенија, не ги виделе во живо!“, смета професорката Алексиќ.
И психолозите се на ставот дека младите лесно се врзуваат со мобилните телефони од причина што „нурнуваат“ во морето на скоро неограничени и неконтролирани можности. Посочуваат дека мобилните телефони обезбедуваат инстант поврзување со пријателите, семејството и социјалните мрежи преку различни платформи за социјални медиуми. Младите чести ги користат овие платформи за да ги оддржуваат социјалните врски, да бидат во тек со информациите и да ги споделат своите искуства.
„Мобилните телефони обезбедуваат инстант поврзување со пријателите, семејството и социјалните мрежи преку различни платформи за социјални медиуми. Младите чести ги користат овие платформи за да ги одржуваат социјалните врски, да бидат во тек со информациите и да ги споделат своите искуства“, посочува м-р Фики Гаспар, Центар за психофизичко здравје – Гаспар. Психолог Гаспар укажува и дека постојаните известувања и желбата за брзи одговори можат да придонесат за зависноста од користењето мобилни телефони.
„Младите го изразуваат својот идентитет, ги покажуваат своите интереси преку различни апликации, теми и опции за прилагодување. Од оваа причина, може да се предизвика зависност бидејќи се нуди чувство на уникатност и самоизразување. Од друга страна, телефоните обезбедуваат брз пристап до огромно количество информации и алатки кои се продуктивни за младата популација. Со тоа, младите ги користат уредите за едукативни цели, истражување, апликации за продуктивност и организирање на секојдневниот живот. Зависноста од мобилни телефони може да се препише и на ослободувањето на допамин, невротрансмитер поврзан со задоволство и награда. Постојаните известувања, ангажманот на социјалните мрежи и моменталното задоволство од користењето на мобилниот телефон може да предизвикаат ослободување на допамин, засилувајќи го зависничкото однесување“, вели психолог Гаспар.
Еднаш навлечени, тешко се одвикнуваме
Многу потешко е било какво откажување, макар било и здраво, отколку да стекнете рутина, посочуваат експертите од областа. Професорката Алексиќ појаснува дека жив човек на сѐ може да се навикне, но најчесто се навикнува, постепено и навлекува, на пријатности, на сензации кои им годат на сетилата. Еднаш навлечени, тешко се одвикнуваме.
„Знаевме од прва дека децата постепено ќе стануваат компјутерски зависници, дека нема да можеме да ги откорнеме од тастатурите, дека ќе го оштетат видот, искриват р’бет, дека ќе престанат со течна разговорна функција на јазичната комуникација. Ама од втора им се придруживме, по линија на помал отпор ги прифативме новите компјутерски иновации професионално, интерперсонално, екстерно и интерно, во сите можни прилики и облици. Згора на тоа почна квази „снобовски“ натпревар кој има поскап мобилен телефон! Велам квази снобизам, оти кај нас нема услови и време да се развијат вистински снобови, кои ги имале сите атрибути на префинето благородништво, освен кралско потеклото“, посочува Алексиќ.
Постојаниот пристап до социјалните медиуми може да создаде чувство на FOMO (страв од пропуштање), правејќи ги младите да се чувствуваат принудени да останат поврзани со социјалните медиуми, заклучуваат психолозите. Нивната констатација е дека телефоните нудат широк опсег на опции за забава, како што се игри, видеа, музика и други мултимедијални содржини и токму тоа често служи како извор на релаксација и бегство за младите луѓе. Преку овие уреди се овозможува лесно и моментално испраќање пораки со што се обезбедува лесно секојдневие во однос на комуникацијата со пријатели, соученици и познаници.