Мобилниот телефон е последното нешто што го гледате пред спиење и првото што го земате во рака наутро? Ако е така, не сте единствени. Во време на постојана поврзаност, многумина буквално одат во кревет со телефонот покрај себе.
Иако постои широко распространет страв дека телефонот „зрачи“ и може да предизвика сериозни болести, научните институции наведуваат дека радиофреквентното зрачење од мобилните телефони е нејонизирачко и не ја оштетува ДНК како рендгенските зраци. Исто така, нема докази дека спиењето со телефон до кревет го зголемува ризикот од рак.
Но тоа не значи дека навиката е безопасна.
Сината светлина го нарушува сонот
Најголемиот проблем е сината светлина од екраните. Таа го потиснува лачењето на мелатонин – хормонот што му сигнализира на телото дека е време за спиење.
Кога пред спиење скролате по социјалните мрежи, гледате видеа или одговарате на пораки, мозокот добива сигнал дека е ден. Наместо да се смирува, тој се стимулира.
Резултатот е подолго заспивање, пократок и полесен сон и чувство на замор наутро.
Телефонот може да ве буди и среде ноќ
Дури и ако заспиете, телефонот може да го прекине сонот. Една вибрација, звук од известување или светкање на екранот може да ги наруши фазите на длабок сон.
Таквата фрагментација на сонот го намалува неговиот квалитет и, на долг рок, може да го зголеми ризикот од висок крвен притисок, дебелина, дијабетес и проблеми со концентрацијата.
Психолошки притисок
Кога телефонот е веднаш до перницата, многу луѓе несвесно остануваат „во готовност“. Чувството дека мора да бидат достапни за пораки, работа или социјални мрежи го отежнува целосното опуштање.
Многумина признаваат дека, ако се разбудат во текот на ноќта, автоматски го проверуваат телефонот – навика што дополнително го нарушува сонот и го зголемува нивото на стрес.
Што советуваат експертите?
Експертите препорачуваат неколку едноставни навики. Држете го телефонот најмалку еден метар подалеку од креветот. Избегнувајте екрани барем еден час пред спиењето. Наместо телефон, читајте книга или слушајте тивка музика. Илипак, користете класичен будилник наместо мобилен
Пораките, мејловите и известувањата можат да почекаат. Квалитетниот сон – не.