Трн: Што значи за вас лично, фестивалот „Викенд на гордоста“? Кога првпат почувствувавте дека ваков простор е неопходен и незаменлив?
Мања: Многу пред да бидам дел од фестивалот, Skopje Pride Weekend веќе беше простор што ги исполнуваше културните потреби на отсутните, непосакуваните, неприлагодливите. За време на институционалната стерилизација на културата пред десеттина години, Skopje Pride Weekend тотално ме измести од неприкоснованиот прием на промислено деполитизирани културни содржини на постојана телесна и протесна супресија чија цел е да те пасивизираат и изморат. Да избегам од сѐ тогаш ми изгледаше како полесен (и досаден) избор, особено поради широкиот одлив на скоро сите пријатели. Се прашував – а што ако останвам тука? Како би изгледало тоа? Во тој момент во Skopje Pride Weekend препознав возможна алтернативна структура, што се создаваше паралелно со градењето на протестната култура, но и со нејзиното нагло угушување. Ми беше феномен за истрајна платформа што постои надвор од бубањот, место за јавно вежбање непокорност и реафирмирање на опозицијата на патријархатот, капитализмот, национализмот, религиозниот фундаментализам, колонијалните матрици, западноцентричните парадигми, политичката рамнодушнст, комодификацијата на активизмот, ревизионизмот и уметничкиот спектакл исчистен од политичка содржина. Сфатив, неопходно е да се остане тука затоа што е подобро да се биде дел и да се создава нешто незаменливо, отколку што било друго испразнето од политизирана и идеолошки јасно смислена содржина.

Трн: Годинава темата е ЈУГОКВИР – како ја дефинирате таа рамка? Дали тоа е само геополитички поим или и афективна, субкултурна и политичка позиција?
Стефан: ЈУГОКВИР не е само географија, туку е и чувство, став и културна стратегија. Тоа е начин да си ги присвоиме историите од Југославија – не со носталгија, туку со критичка љубопитност. Ни овозможува да зборуваме за квир животите што постоеле и преживеале во тие системи, и да најдеме инспирација за денес. ЈУГОКВИР е и субверзивен и емотивен – е истовремено архива на отпор и визија за иднина без граници и без срам. ЈУГОКВИР е шамар за заборавот и за нормата. Тоа не е носталгија по Југославија, туку критика на капитализмот, хетеронормативноста и национализмот што ни се сервираат денес. ЈУГОКВИР е субверзивна желба – за солидарност, за утопии што не се реализирале, за телесности што не се вклопуваат. Тоа е политичка и културна позиција што вели: не припаѓаме во вашите граници, вашите родови, ни вашите идентитетски кутии.

Трн: Со оглед дека вие сте дел од помладата генерација активисти, како се чувствува да носите регионално значајна програма на свои раце?
Мања: Често „ме јаде“ чувството на страв од сосема возможното правење на „престапот“ – игнорантност. Лежерната незасегнатост од минатото е секако во голема мера сеприсутна заради генерацискиот индивидуализам, а чувството е мачно-сложно затоа што и двајцата се наоѓаме на пресекот каде е веќе дискутабилно дали сме млади. На „званичниот“ возрасен пресек одговорноста е повеќекрата поради разбирањето на честите разидувања меѓу инсистирањето на поставување на пример за добра пракса и алтернативна културна инфраструктура во изолација – и, посочувањето на системската должност за зачувување и градење на институционална меморија и овозможување стабилна поддршка. Атомизираноста на идентитетите и самоубеденоста во едниот „правилен“ начин на (културно и политичко) делување прави тотален колапс на потенцијалот на заедништвото. Мислам дека значајноста од трудот вложен во фестивалот не произлегува од неговата препознаеност надвор, туку од заедницата и нашите опстанок и истрајност меѓу хегемонистичките идеали кои владеат тука. На своевиден начин значајноста се должи на чувството на задоволување на еден континуум што освен привремено и просторно, создава непореклива база на квир-феминистичка историја.

Трн: Кои промени, колку мали и тивки, ги гледате во македонското општество од првото издание на фестивалот до сега? Дали постои некаков тек на отворање – или обратно?
Стефан: Од првото издание до сега гледаме повеќе квир луѓе што зборуваат и делуваат јавно, што не прифаќаат тишина. Се создаде дрег-сцена, се појавија квир колективи и заедници што не чекаат дозвола – туку самите си ги отвораат просторите за постоење, глас, љубов и уметност. Има мали простори на слобода, нови сојузништва, но и зголемен отпор од анти-родови и неофашистички наративи. Отворањето не е линеарно – повеќе е како пукнатина низ која светка нешто диво, нежно и храбро. И баш таму сме ние.
Трн: Каде, во постјугословенскиот контекст, мислите дека квир и феминистичките идеи денес се најслободни, а каде најжестоко се маргинализирани? И што ги одредува тие зони на (не)слобода – институциите, уметничките сцени, или улицата?
Мања: Слободниот провев на квир-феминистичките идеи е радикално ситуациона појава, одредена од степенот на институциналната воздржаност, системската дисциплина, говорот на омраза и, следствено, медиумската хистерија која честпати прави мимикрија на фашизоидните и десничарски ставови. Досегашните наши истражувања јасно ја картографираат сегашната инфраструктура на исклучување, видлива преку ограничувањето на пристапот до ресурси и простори, делигитимирање преку организирани хајки и кампањи, координирани бојкоти или политички молк. Далеку од изолирани инциденти, туку социо-културен механизам, постјугословенските контексти се заситени од цензура на критичката културна продукција ставена во лер. Уметничките сцени кои треба да фигурираат како простор на слобода, стануваат компромисни, зависат од институционалната (не)милост, изложени се на интервенции кои ја диктираат границата на „прифатливото“ и традиционално изложување на уметност. Со исклучок на неколку јавни културни простори, зоните на слобода се постојано прекројувани во односот меѓу современата уметничката интенција и институционалниот страв да застане зад неа. Прашањето не е каде сме (нај)слободни (како да постои некоја парадоксална градација на слободата), туку колку трае толеранцијата пред укинувањето и бришењето на културните работници етикетирани како политички непотребни. Тоа е своевидна тивка маргинализација, постепено регулирана и нормализирана, и потполно зависна од остапнокот во континуирано променливата архитектура на дозволеното однесување. Слободата е сведена на прекинати, привремени острови на (ко)егзистенција, кревки топоси, свиоци, привремени засолништа, и фрагментирани собири на тела што преживуваат во услови на културна дисциплина и политичка амнезија.

Трн: Фестивалот проговара и за телесноста како поле на отпор – какво е значењето на телото во културна и политичка смисла во едно хетеронормативно и патријархално општество како нашето?
Стефан: Во општество што ти кажува како треба да изгледаш, да се движиш, да сакаш – телото станува алатка за отпор. Кога ќе излезеш на сцена, улица или подиум со тело што не се вклопува, што не молчи, што ужива, што се бори – тоа е политички чин. Квир телата тука не се само тела – тие се архиви на исклученост, но и на задоволство, сила и фантазија. Фестивалот ги слави баш тие тела – ранливи, храбри, раскошни – кои му пркосат на срамот и го претвораат во моќ.
Трн: Оваа година фестивалот е исклучително регионален и меѓудисциплинарен – од теорија до перформанс. Како ја бирате програмата? Што е најважно да има едно издание на Викенд на гордоста за да има вистински политички ефект?
Мања: Од своето настанување до своето тринаесетто издание, фестивалот се артикулира преку внимателно одбрана програма што балансира меѓу застапеноста на домашната и интернационалната продукција, интеграцијата на визуелните и изведувачките форми, теоријата и пефромансот, текстот и телото, преводот и непреводливоста. Секое издание е курирано околу еден темат – политички наелектризирана и афективно втемелена оска која ги буди импулсите за преиспитување од квир позиција. Далеку од едноставен збир на независни дела, програмата е конципирана како жив систем на меѓусебна интеракција меѓу продукциите, уметниците и делата, кои содржински комуницираат, се надополнуваат, заеднички создаваат критичка инфраструктура и изведуваат приказна релевантна за локалниот контекст и историски перспективи. Фестивалот не само што ја рефлектира, туку и ја преиспитува локалната културна реалност, од социјалистичкото минато до хиперкапиталистичка сегашна дистопичност, и имагинацијата на сите потенцијални квир утопии. Посебно значење има перформативната и танцова програма, која ја гради врската меѓу колективното чувствување во пракса и теориско знаење на хартија, компонент кој е особено значаен заради директното отелотворено квир искуство на сцена.

Трн: Имаме ли регионална квир културна сцена – или тоа е повеќе желба отколку реалност? И дали вакви фестивали создаваат таа сцена, или само ја документираат?
Стефан: Регионалната квир сцена постои – некаде како архива, некаде како перформанс во живо, а некаде како идеја што создава нови светови. Фестивали како нашиот не само што ја документираат таа сцена – туку ја создаваат, ја хранат и ја поврзуваат. Во Македонија, заедно со нашите пријателски фестивали – Прво па женско, КРИК, Перформанс Платформа, АКТО – ја креираме оваа сцена низ години на соработка, пркос и грижа. Со локалните дрег колективи како APA: NEW STAGE, лезбејската иницијатива Sapphic Rendezvous, културната програма на СЦ Дуња и КСП Центар – Јадро, цртаме мапа на квир присуство што не може да се избрише. Истовремено, сме поврзани и со слични фестивали и иницијативи низ Косово, Србија, Хрватска и Словенија – каде што квир културата се создава во истите услови на отпор и копнеж. Сето тоа заедно не е само сцена – тоа е мрежа на солидарност што го држи жив овој регион.
Трн: Колку и како уметноста денес, низ перформанс и теорија, зборува за нашата стварност? И дали успева да го пробие ѕидот на рамнодушноста и цензурата?
Мања: Перформативната програма од нашиот фестивал досега низ годините била најоспорувана, мета на манипулации, цензура и говор на омраза, што укажува на фактот дека го постигнува своето политичко кредо. Често телесниот израз е во подобар дијалог со публиката и го скренува интересот, за разлика од покраината на мрзливите деполитизирани арени. Во контекст на јавната апатија и институционален страв од секаква експлицитна телесна, афективна и критичка артикулација, остануваме неусогласени со очекуваната продукциска логика, создавајќи застои и прекини. Не целиме кон допадливост, туку присуство и постојано враќање на интенционално избришаните субјекти. Нешто на што досега со своето присуство инсистирале и Vaginal Davis, CASSILS, Helene Barriere & Victor Marzouk, Dominic Johnson, Del LaGrace Volcano, David Hoyle & The Lipsinkers, Travis Alabanza, Ron Athey, boychild, PANSY, Federica Dauri, Keijaun Thomas, STEAM ROOM, FRANKO B, Nao Bustamante & Marcus Kuiland Nazario, SPIT! Manifesto Collective, Julie Tolentino & Stosh Fila, Malik Nashad Sharpe, Shirley Harthey Ubilla, Harald Beharie, Margarida Alferiao… Lauren Berlant, David M. Halperin, Felix Gonzalez-Torres, Marina Grzinic, Sara Ahmed, Јасмина Тумбас, Јелисавета Благојевиќ… и многу други досегашни гости перформери, танчери и теоретичари во рамки на Skopje Pride Weekend.

Трн: Што би сакале да се случи со Викендот на гордоста во следните 5 години? Како замислувате квир културен простор во иднина, во Скопје, но и во регионот?
Стефан: Сакаме Skopje Pride Weekend да стане повеќе од фестивал – да биде постојана платформа, жива инфраструктура за квир култура и отпор. Замислуваме простор што не е само настан, туку заеднички дом. Но иднината на фестивалот секогаш е неизвесна – бидејќи институционалната поддршка е слаба, а квир уметноста и критичката теорија остануваат на маргините. Затоа ни треба поддршка – и од заедницата што можеби не се препознава веднаш во перформативната уметност или во кураторскиот јазик, но веруваат во заедништво, и во можноста за друг свет. Само заедно можеме да изградиме простор што ќе нè издржи сите – не само денес, туку и утре.
Доколку ја пропуштивте официјалната програма на Фестивалот за квир-феминистичка култура, уметност и теорија Викенд на гордоста Скопје, од вечерва можете да ја проследите нивната off-програма, која започнува вечерва, на 14 јуни, со почеток од 20 часот, во КСП Центар-Јадро, со перформансот Растварања на Маја Зечо и придружната изложба Незгодни иднини, изведени во соработка со фестивалот Прво па женско и КСП Центар-Јадро. Во текот на јуни исто така следуваат уште два додатни настани, проекција на филмот „Pride“ (2014) на 18 јуни и дискусија, како и уште едно, трето, издание на курираните уметнички забави ДНО, која ќе се оддржи на 27 јуни. Следете ги Фејсбук и Инстаграм страниците на Skopje Pride Weekend за повеќе информации во следниот период.