Иран објави список на потенцијални цели на Блискиот Исток на кој се наоѓаат канцеларии и инфраструктура на големи американски технолошки компании, пренесуваат иранските државни медиуми.
Списокот, објавен под наслов „Нови ирански цели“ од државната новинска агенција Tasnim, опфаќа регионални канцеларии, дата-центри, cloud-системи и развојни центри на американски технолошки компании кои работат во регионот. Во објавата се наведува дека со проширувањето на конфликтот на Блискиот Исток се зголемува и бројот на инфраструктурни цели што Иран ги смета за легитимни.
На листата се споменуваат објекти поврзани со компании како Google, Amazon, Microsoft, Nvidia, IBM, Oracle и Palantir. Според извештаите, дел од тие објекти се наоѓаат во Израел, но и во други делови од регионот, вклучително и во Дубаи и Абу Даби.
Иранската револуционерна гарда и претходно спроведувала операции насочени кон инфраструктура на американски компании во регионот. Според иранските медиуми, минатата недела бил изведен напад со дрон врз дата-центар на Amazon во Бахреин, додека беспилотни летала наводно таргетирале и две постројки на компанијата во Обединетите Арапски Емирати.
Овие случувања доаѓаат во време на зголемени тензии и поширока воена ескалација на Блискиот Исток, при што инфраструктурата на технолошките компании се споменува како потенцијална нова цел во конфликтот.