Технолошки врат: Како екраните го забрзаваат стареење на кожата?

Додека порано се сметало дека знаците на стареење најпрво се појавуваат на околината на очите или на рацете, денес имаме нов виновник: вратот.

Проблем со стареење на кожата на вратот

„Технолошки врат“, поим кој се користи за опишување на последиците од долго време пред мобилни телефони, таблети и компјутери, сега станува сè поочигледен проблем. Ова се однесува на појава на фини линии, опуштена кожа и брчки на вратот и деколтето, кои настануваат како резултат на прекумерно гледање во екрани.

Малите линии се површни брчки кои обично се јавуваат при специфични движења на вратот, а се предизвикани и од фактори како што се сончевото оштетување или дехидратација. Тие можат да се појават уште во млада возраст и претставуваат претходник на појавата на длабоки брчки.

Што предизвикува “технолошки врат”?

Британскиот дерматолог, д-р Дерик Филипс, објаснува дека оваа појава е резултат на постојаното гледање во мобилни уреди и лошoто држење додека се користат. Ова не само што влијае на мускулите на вратот, туку и на текстурата и квалитетот на кожата.

„Комбинацијата на лошо држење и влијанието на синото светло од екранот може да го забрза појавувањето на ‘технолошки врат’. Тоа се манифестира во форма на набрчкана кожа на вратот и деколтето, појава на фини линии, нееднаков тен и лоша текстура на кожата“, вели Филипс.

Како да се спречи појавата на “технолошки врат”?

Иако различни дерматолошки и козметички третмани можат да помогнат, експертите нагласуваат дека превенцијата започнува од секојдневните навики.

„Ако се обидете да не се подгрбавувате додека гледате во мобилен телефон или таблет, тоа може да ви помогне да го намалите негативното влијание на вратот“, додава Филипс, нагласувајќи дека редовната употреба на заштитен фактор е клучна за заштита на кожата од оштетувања предизвикани од сонцето и оксидативниот стрес, кои забрзуваат стареење.

Д-р Нора Џафар, специјалист за козметичка и медицинска дерматологија, препорачува такви мали корекции на секојдневното однесување, кои таа нарекува „технолошка хигиена“. „Ако го држите уредот во висина на очите, наместо да гледате надолу, правите редовни паузи и внимавате на држењето, значително ќе го намалите оптоварувањето на кожата и мускулите“, вели таа.

Продукти за нега на кожа: Што да користиме?

Двајцата дерматолози препорачуваат употреба на заштитен фактор (SPF) како составен дел на секојдневната нега на кожата.

„SPF треба да биде неизоставен дел од секојдневната рутина за заштита на чувствителната кожа на вратот од знаците на прерано стареење, како што се фини линии, брчки и хиперпигментација“, додава д-р Филипс.

„UV оштетувањето е главниот причинител за разградување на колагенот“, се согласува д-р Џафар, додавајќи дека ретиноидите и пептидите го поттикнуваат обновувањето на кожата, додека антиоксидансите, како витамин Ц, ја штитат од слободни радикали.

„Хидратантни состојки, како хијалуронската киселина, ја подобруваат појавата на фини линии, пополнувајќи ја кожата“, додава таа.

Не заборавајте на деколтето

Честа грешка е што многумина престануваат да нанесуваат крем само на линијата на вилицата. Меѓутоа, вратот и деколтето исто така бараат посебна грижа, бидејќи стареат многу брзо и понекогаш и побрзо од лицето.

„Вратот и деколтето често се занемаруваат, но исто така стареат. За да го одржите тонот и текстурата на кожата здрава и убава, препорачувам да се прошири нега и да се нанесува крем и на делот под линијата на вилицата“, советува д-р Џафар.

Комбинирана терапија: Нега и правилно држење

Д-р Филипс истакнува дека важно е да се запамети дека „технолошкиот врат“ не се однесува само на кожата.

„Постојаното гледање надолу во екранот предизвикува појава на фини линии и опуштена кожа, но исто така влијае на држењето, што ги оптоварува мускулите на вратот“, објаснува тој.

„На кожата се појавуваат брчки, а мускулите на вратот се под постојано напрегање“, додава д-р Џафар.

„Најдобар пристап е комбинирана терапија – правилно држење, нега на кожата и професионални третмани. Редовни аеробни вежби, јакнење на мускулите и вежби за истегнување ќе ја намалат зачестеноста на проблемите со ‘технолошкиот врат’ и ќе ја намалат потребата од медицинска помош“, заклучува д-р Џафар.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни