Иран оваа година се соочува со најтешката суша во последните неколку децении. Според генералниот директор на градската компанија за водоснабдување, Бехзад Парсе, браната Амир Кабир, една од петте што го снабдуваат Техеран со вода за пиење, моментално содржи само 14 милиони кубни метри вода — односно околу 8% од нејзиниот вкупен капацитет, пренесува агенцијата Ирна.
Таквата количина, според Парсе, би можела да ги снабдува жителите на Техеран помалку од две недели. Граѓаните на иранската престолнина трошат приближно три милиони кубни метри вода дневно, наведуваат локалните медиуми.
Во последните неколку дена, водата била привремено исклучена во одредени делови од градот со цел заштеда на ресурси.
Во јули и август властите дури прогласија два државни празници, односно неработни денови, за да се намали потрошувачката на вода и електрична енергија, бидејќи во тој период честопати доаѓаше до прекини на струјата поради топлотниот бран.
„Кризата со водата за пиење е многу посериозна отколку што се зборува“, предупреди претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, повикувајќи ги граѓаните да размислат за прекумерната потрошувачка на вода.
Извор: N1info.rs
