Техеран: Подготвени сме и за преговори и за војна со САД

Техеран е подготвен да ги обнови разговорите со САД, но тие мора да бидат фер и да не се однесуваат на одбранбените способности на Иран, изјави во вторникот иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во време кога регионалните сили се обидуваат да спречат конфликт меѓу двата ривали.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека има намера да разговара со Иран дури и кога САД испратија уште еден воен брод на Блискиот Исток, а шефот на Пентагон рече дека војската ќе биде подготвена да стори што и да одлучи претседателот. Еден од главните услови американската страна да продолжи со разговорите со Иран е да ја ограничи неговата ракетна програма, изјави за Ројтерс минатата недела висок ирански функционер.

Иран го отфрла барањето. „Доколку преговорите се фер и еднакви, Иран е подготвен да учествува во такви преговори“, изјави министерот за надворешни работи, Абас Арагчи, на прес-конференција со својот турски колега во Истанбул.

„Подготвени сме и за преговори и за војна“

Арагчи рече дека во моментов не се закажани разговори меѓу Техеран и Вашингтон. Регионалните сојузници, вклучувајќи ги Турција, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, вложуваат дипломатски напори за да спречат воен конфликт меѓу Вашингтон и Техеран.

Одговарајќи на американските закани за воена акција, Арагчи рече дека Техеран е подготвен и за преговори и за војна.

Арагчи, кој го опиша својот состанок со турскиот колега Хакан Фидан како „добар и корисен“, исто така додаде дека Техеран е подготвен да соработува со земјите во регионот за промовирање на мирот и стабилноста.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни