Техеран со порака „Ќе зажалат“

Иран со остра реакција по нападите на САД и Израел, нагласувајќи дека ударите се случиле среде Рамазан. Техеран најавува жесток одговор.

По воздушните напади на САД и Израел врз иранска територија и првиот бран ракетен одговор од Иран, Министерството за надворешни работи на Исламската Република Иран излезе со остра реакција, оценувајќи ги ударите како „криминална воена агресија“.

Во соопштението се наведува дека мета биле одбранбени, но и цивилни објекти во повеќе ирански градови. Техеран особено го потенцира времето на нападот – во пресрет на Норуз и за време на светиот месец Рамазан.

„Америка и ционистичкиот режим, во флагрантно кршење на територијалниот интегритет и националниот суверенитет на Иран, нападнаа бројни цели во нашата земја“, стои во реакцијата.

Иранската дипломатија тврди дека нападите се случиле додека траел дипломатски процес меѓу Техеран и Вашингтон. Според нив, Иран направил сè за да избегне војна, но сега „дошло време да се брани татковината“.

Техеран ги оцени нападите како прекршување на Повелбата на ОН и се повика на член 51, истакнувајќи дека ракетниот одговор е легитимно право на самоодбрана. Во соопштението се наведува дека вооружените сили се подготвени да ги искористат сите свои капацитети за да го одвратат непријателот.

Иран испрати итен апел до Генералниот секретар на ОН и Советот за безбедност, барајќи реакција поради, како што наведуваат, сериозно загрозување на регионалниот и меѓународниот мир.

„Историјата покажува дека Иранците никогаш не се предале на странска агресија. И овој пат одговорот ќе биде одлучувачки и агресорите ќе зажалат“, се наведува во завршницата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни