Театар на угнетените: сцена за правда, солидарност и помирување

Настан во Центар Јадро што го користи театарот како алатка за отпор, дијалог и општествена трансформација

Театарот како уметност, но и како политичка и општествена практика, ќе биде во фокусот на настанот „Театар на угнетените за правда, солидарност и помирување“, кој ќе се одржи во петок, на 26 декември, со почеток во 19:00 часот, во Културно-социјален центар Јадро.

Настанот е во организација на ЗГ Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура, и е посветен на методологијата на Аугусто Боал – Театарот на угнетените, кој ја спојува уметничката практика со активна борба за правда, солидарност и општествено помирување.

Преку примери, практични интервенции и заеднички разговор, настанот отвора простор за преиспитување на театарот како алатка за отпор, како место за јавно разобличување на угнетувањето и како можност за замислување алтернативи што можат да се применат и во реалниот живот. Во овој пристап, театарот не е завршена претстава, туку процес, „проба за реалноста“, во кој гледачите не се пасивна публика, туку активни учесници.

Теми што ретко добиваат јавен простор

Настанот ќе се фокусира на неколку чувствителни, но клучни општествени прашања што често остануваат маргинализирани во јавниот дискурс. Меѓу нив е родовото насилство како тивка, но длабока последица на политичко-општествените конфликти, особено во периоди на транзиција и криза, кога насилството се нормализира, економската несигурност расте, а траумата се пренесува во секојдневието.

Посебно внимание ќе се посвети и на замолчувањето на женските искуства во процесите на справување со минатото, каде што страдањето, но и активната улога на жените ретко се признаени, а недостасуваат родово чувствителни архиви, истражувања и јавни политики.

Третата важна димензија е потребата од интерсекциски и транс-етнички пристап кон помирувањето, кој родовото и семејното насилство го препознава како системски, а не приватен проблем, и отвора простор за солидарност и заедничко дејствување надвор од етничките и општествените поделби.

Уметноста како заедничко дејствување

Настанот е наменет за сите што веруваат дека уметноста и културата можат да бидат средство за општествена промена, заедничко учење и колективно дејствување. Тој се реализира во соработка со Форум цивилен мировен сервис – ПроПис.

Режисерка и водителка на настанот (Џокер) е Зоја Бузалковска, а во изведбите учествуваат Александар Степанулески, Ангела Пејковска, Лора Штарго и Мартин Мазнев.

Визуелните интервенции се на Ѓорѓе Јовановиќ, а технички продуцент е Павле Игновски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни