Теа Матовска: Ова е мој визуелен протест – Архизбука инспирирана од бруталистичката скопска архитектура

Од љубовта кон буквите и градот, родена е „Архизбука“ – визуелна игра што ги спојува македонската азбука и објектите од бруталистичката архитектура во Скопје. Овој необичен фонт, создаден од Теодора Матовска, претвора фасади и скали во букви, а секое писмо е сведоштво за некое здание, споменик или чувство. „Архизбука“ не е само графички проект – таа е и нов начин на читање на просторот околу нас.

Трн: Твојата „архизбука“ изгледа како нешто што би го сонувал бруталистички буквар од 70-тите. Зошто баш архитектура и типографија? И зошто баш сега?

Теа: Се почна како задача за на факултет, предметот се викаше Експериментална Типографија од проф. Д-р Стефан Јакимовски. Требаше да направиме концепт што ги поместува границите на типографијата. Јас буквално првите две недели немав ни трошка инспирација. Така еден ден се возев во ЈСП, поминав покрај прекрасната бруталистичка пошта и одеднаш почнаа да ми се поврзуваа коцките и од тој момент се тргна органски. Времето е баш сега, токму кога дел од нашата архитектура исчезнува, а никој не ја забележува.

Трн: Македонскиот брутализам – за некого бетонски кошмар, за тебе типографска инспирација. Што им велиш на тие што го гледаат ГТЦ и велат: „Шо е ова чудо?!“

Теа: Ги разбирам, брутализмот на прв поглед изгледа навистина грубо, ладно или премногу ,,бетонски“. Мене брутализмот ми е инспирација токму затоа што не глуми, не се труди да биде допадлив туку искрен. Го покажува својот материјал и тежината на времето, баш затоа сметам дека вреди да се претвори во визуелна порака.

Трн: Колку букви ти ја скршија психата додека ги „ѕидаше“? А која ти е омилена буква и зошто?

Теа: Хахаха, да, дел ме помачија. Ги гледав градбите кои сакав да ги искористам, ги вртев на сите страни, ги гледав од сите агли се додека не најдам сегмент што совршено се вклопуваше на обликот на буквата.

Како топ 3 омилени ми се М, Ѓ и О. Преку буквата М ми е претставена Католичката црква во Скопје. Првин кога ја видов веднаш помислив дека самата градба е наменета да биде искористена за буквата А, но додека ја работев си реков зошто да не се помачам и да експериментирам со М, па така и ми стана омилена, дури и не личи на градба, туку на нешто футуристичко. Преку Ѓ е претставен објектот ГТЦ. Самата буква Ѓ е со прав агол и не е многу комплицирана, ноп со тоа што го додадов елементот на свиените скалила додава живост и раздвиженост на самата буква.

Преку буквата О го претставив според мене еден од најуникатните објекти во Македонија па дури и пошироко- Македониумот во Крушево. Тука за дизајнот не се мислев многу, само што дојдов на ред да ја дизајнирам буквата О веднаш си реков „Македониумот!“, не се двоумев ни малку.

Трн: Дали си забележала дека некои букви во кирилицата се навредени што не личат на згради? (мислам, „Ѓ“!)

Теа: Хаха, да. Додека ги креирав, со некои букви имав маали потешкотии да ги “изградам“. Како,ја гледам, ја сакам, ама никако да ја најдам нејзината “зградна“ верзија, се нешто не штимаше. Во суштина сепак тоа и ми беше најинтересниот дел, кога нешто не иде, почнуваш повеќе да набљудуваш и истражуваш. Па така тие букви ми ја разбудија креативноста. Некои букви едноставно не си бараа внимание и си сакаат да бидат чудни и “несфатени“.

Трн: Имаш ли тајна желба да ти дадат ѕид во Пошта за мурал?

Теа: Секако дека да! Сакам еден ден, некоја институција да ми рече: „ Овој ѕид е твој!“ Посакувам дел од ѕид што ќе ја претвори бетонската меморија во видлива порака. Нешто што ќе ги натера луѓето да застанат да гледаат, да препознаат, да се инспирираат, дело што ќе го краси градот па дури и да стане препознатлив meeting point за многу генерации што следат. Би ми било чест.

Трн: Архитектурата раскажува историја преку бетон, а типографијата преку форма. Дали има зграда во Скопје која заслужува своја сопствена буква, но ја изостави?

Теа: Палатата Рубен во Дебар Маало. Таа градба од секогаш ме потсетувала на Скопје и ми давала некоја посебна енергија. Имам пропуштено неколку карактеристични градби, повеќето од нив се како неизговорени зборови. Можеби ќе им дадам живот и свое место во втора верзија на Архизбука.

Трн: Кога веќе ги спојуваш букви и бетон — зошто мислиш дека луѓето повеќе ги ценат зградите кога ќе ги „преведеш“ во графички јазик?

Теа: Затоа што визуелниот јазик е подостапен. Тоа „ново гледање“ носи ново значење. Кога ќе им го претставиш на објектот како буква, луѓето гледаат нешто ново, а всушност е старо и тоа им го привлекува вниманието.

Графичкиот дизајн додава нова вредност на делата и ја раскажува приказната за еден дел од македонската култура што не е доволно ценет, но неверојатно инспиративен. Ова е мој начин да ја претворам македонската архитектура во букви а буквите во уметност.

Трн: Типографијата често е невидлива уметност. Колку пати си се навредила кога некој ќе ти рече „Ова се само фонтови, нели?“

Теа: Не ми рекле така конкретно, но ми се случило да ми каже некој клиент „Абе стави некој фонт, било кој“. На тоа само се насмевнувам. Типографијата е многу важен дел од визуелната комуникација, дури и да нема никаков дизајн, само да се користи типографија, може да се испрати силна порака. Тоа што типографијата е невидлива не значи дека не е суштинска. Таа ги обликува нашите зборови пред да ги изговориме.

Трн: Во проектот се гледа љубов, но и бес. Дали оваа азбука е и мала одмазда кон архитектонската негрижа?

Теа: Ова е мој визуелен протест. Крик, но не насилен, не одмазда туку отпор кон заборавот. Ова дело е мој начин да се спортиставам на исчезнувањето на значаен дел од македонскиот идентитет. Ова дело е обид за заштита, не само на објекти, јазик туку и на вредонсти. Таа е повик за реконструкција на нашиот однос и грижа кон нашето културно наследство. Секоја буква ја гледам како микро споменик, тие не се само визуелен експеримент, туку визуелен документ за се што пробува да избега низ пукнатините на новото нормално и брзото време.

Трн: Колку е ризично во 2025 да сакаш бетон во свет што сака стакло и ламинат?

Теа: Исто како да речеш дека ти се допаѓаат винил плочи, додека сите слушаат Спотифај. Можеби за некој е старомодно дури и чудно, но за мене тоа е безвременски и со душа. Денес се е глатко, брзо, квалитет дури и да не постои, се има краток рок на траење. Можеби и затоа новите генерации чувствуваат носталгија за време во кое никогаш не живееле, минатото, љубовта кон старото, антиката, зачувувањето на душата и карактерот.

Бетонот не е совршен ама има своја тежина, своја приказна и искреност. Не треба се да е модерно за да вреди. И ако тоа е ризик, тогаш е убав ризик. Хаха.

Трн:  Ако ти дадат задача да го „дизајнираш“ новото лице на Скопје, со кои три букви од азбуката би започнала?

Теа: П – Стара Железничка станица. Спомен, рана замрзната во времето, кој ќе биде запаметен од многу генерации.

Ф- Универзална Сала. Место од каде сите посетители си излегле со среќни лица и убави спомени.

Г- Пошта. Еден од најкарактеристичните бруталистички градби во Скопје.

Трн: Твојот Инстаграм е како визуелен дневник на македонската културна историја. Колку од тие објави се терапија, а колку – отпор?

Теа: И двете, секоја објава е помалку од двете. Од една страна терапија затоа што кога гледам нешто убаво или пак заборавено имам потреба да го документирам, да го зачувам барем како фотографија. Сакам преку нив да покажам дека визуелниот идентитет не е само нешто што го гледаме туку и нешто што не гради нас.. Така за мене инстаграм е како виртуелна архива на мемории со мал шмек на протест, љубов и нормално слободно место за споделување на креативноста.

Трн:  За крај – ако Македонија беше типографски фонт, каков би бил нејзиниот карактер: bold condensed, serif rebel или glitch sans?

Теа: Уф.. Македонија си е посебен фонт сама по себе. Таа не е глатка и уредна. Би рекла со корени на bold condensed со тежина, но сепак во комбинација со некој серифен фонт, што дава шмек на старомодна елеганицја но и со малку инает во него. Македонија е фонт што е дизајниран да биде прецизен, ама намерно има некои несовршености, ќошиња што не се по правило. Има историја во него, ама и тежок бунтовнички дух. Така го гледам фонтот, малку распарчен, малку елегантен но со силен карактер, фонт што не може лесно да се вклопи во шаблон.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни