Во пресрет на премиерата на претставата „Ова е само крајот на светот“ во Драмскиот театар, режисерката Теа Беговска зборува за текстот на Жан-Лик Лагарс кој ја следи речиси една деценија, за тишината што ги разорува семејствата, за одложените вистини и неможноста да се комуницира со најблиските.
Во јубилејната година на Драмски, Беговска ја поставува психолошката драма како простор на брутална искреност, без метафори и патетика, со силна верба во актерот и во живата, директна комуникација со публиката. Во интервјуто, таа говори за одговорноста на театарот денес, за ангажираноста, за жените во создавањето, но и за личното ново поглавје кое започнува паралелно со оваа премиера.

Трн: Зошто токму „Ова е само крајот на светот“ на Жан-Лик Лагарс во овој момент – што те привлече кон текстот сега?
Тea: Овој текст, поточно овој филм ме привлече многу одамна. Сигурно има веќе скоро десет години. Во ниту еден момент не се откажав од идејата, едноставно го чекав правиот момент. А темата никогаш не престана во овие години да ме обзема и се’ повеќе да ми станува важна, да ме привлекува, да ми станува појасна и.т.н. Оваа приказна пред се’ говори за семејните односи, за неможноста да се комуницира со најблиските. Со сопствената мајка, татко, брат, сестра. Колку е тоа страшно. Нели е тоа крајот на светот? Да не можеш да комуницираш со најблиските. Ова е приказна во која не постои човек кој нема да се пронајде, да се идентификува, во било кое време, во било кој момент, во тоа е убавината. Оваа тема е безвременска и може во секој момент да те привлече, само начинот на кој ќе ја поставиш ќе биде различен. Во зависност од околностите, времето, годините, искуството…Но, секогаш го замислував и сакав овој проект да се случи во Драмски. Ова е претстава за Драмски, за нашите актери од Драмски. Нешто што можеби е само мое лично доживување, но, сметам дека психолошката драма е наша силна страна и не смееме да заборавиме да ја негуваме и да правиме такви претстави. Претстави со кои публиката ќе се поврзе емотивно и психолошки и на тој начин ќе и’ измамиме насмевка.
Трн: Ова е првата претстава што се подготвува во Драмскиот театар во јубилејната година. Дали тој контекст носи дополнителна тежина или одговорност?
Тea: За мене лично секоја претстава која се прави ја носи истата одговорност и тежина. Независно дали е за јубилеј или не. Секогаш работам нешто што ме допира и секогаш имам многу искрен пристап кон работата. Можеби и затоа не работам често. За мене рутински сработена работа не е работа. Не е прашањето дали знам така или не знам, прашањето е дали сакам или не сакам да се впуштам во таква авантура. Како и да е. Кон театарот секогаш треба да се однесуваме одговорно, а не само кога имаме значаен јубилеј. Единствената одговорност што ја чувствувам сега е да си потврдам себеси дека овој текст, оваа тема и те како е вредна за нашиот театар и нашата публика. Сегашниот наш јубилеј кој е со сериозна бројка (80 години) само треба да ни биде дополнителен мотив на сите. “Ова е само крајот на светот” како прва претстава за јубилејот нека биде САМО почеток на се’ убаво што ќе следи во нашата програма.

Трн: Лагарс пишува за тишината, одложувањето и неможноста да се каже вистината. Колку овие теми се денес актуелни во овој општествен и политички контекст?
Тea: Тишината е тешка. Многу тешка кога е исполнета само со замислени мисли кои си ги вртиме во глава како филм без крај. Што не сме кажале? Што треба да кажеме? Како треба да го кажеме тоа? Милион замислени разговори, одговори, прашања. И сите тие неискажани мисли кои ни се вртат секојдневно во глава, полека, ама многу сигурно не’ водат кон одложување на вистината. До одложување на вистината не’ водат неискажаните мисли, а одложените вистини кај нас создаваат гнев, лутина, фрустрација, бурни реакции и.т.н. Колку пати одложувате да му ја кажете некому вистината? И тоа на секојдневно ниво, размислете. Заради разно разни причини не кажуваме. Тоа се причини кои се многу интимни, многу лични. Нас, пред се’, во нашата претстава не’ интересираат неискажаните вистини во семејството кои го прават едно семејство да биде толку блиско, а истовремено толку туѓо.
Во општествен контекст исто така значи дека ние безброј пати сме премолчеле вистини заради кои полека одиме кон некаков крај. А крајот на светот е неможноста да се комуницира. Денес човекот комуницира со вештачката интелегенција поискрено, отколку со сопствениот родител. На пример GPT chat го прашува: Како да искомуницирам со мојот родител? А зошто не оди да му ја каже на родителот вистината: мамо, тато, мене ми е тешко да комуницирам со вас, може ли да поразговараме за тоа? И.т.н. Уште пострашно станува за општеството оваа комуникација бидејќи секојдневно во институциите (било кои) некој ја одложува вистината. Во политички контекст исто така. Земете било каков пример. И локалната и глобалната политика се заснова на одложување вистини. А вистината е дека има ѓубре на пример, ја гледаме сите. Вистината е дека човекот станува сериозна опсност за природата и ја уништува секојдневно. На глобално ниво исто така земете било каков пример. Кога и дали на време дознаваме за некои големи промени што го засегаат човекот и човештвото воопшто? Којзнае колку се одложува вистината за тоа дека некои видови организми ќе изумрат многу побрзо одошто ние знаеме или веќе се умрени… и.т.н. Едноставно нашето општество се темели врз одложување вистини. Е сега има и многумина кои директно ја кажуват вистината, но тука голем проблем станува игнорантскиот однос кон неа. А игнорантскиот однос кон она што е вистина на крај го плаќаме многу скапо. Игноратскиот однос води и кон трагедии од поголеми размери, како војни. Сепак, оваа претстава во својот главен фокус го има семејството, затоа што мислам дека од тука за нас почнува се’. Нездрави и дисфункционални семејства создаваат нездрави и дисфункционални општества и обратно, се разбира. Најважна е комуникацијата, разговорот. Нас, во нашата претстава не’ интересира исклучиво семејството, она што ни се случува дома.
Трн: Те препознаваат по ангажиран, експериментален и интерактивен театар. Каде се наоѓа оваа претстава во однос на твоите претходни авторски проекти?
Тea: Драго ми е ако по тоа ме препознаваат и драго ми е што многу интензивно работев такви проекти пред да станам дел од Драмски (па и потоа, но поретко) бидејќи тој пат на ангажираност, експеримент и интеракција уште повеќе ме подготви на некој начин емотивно низ мене да поминува секоја наредна претстава што ќе ја работам. Таа интеракција со публиката за мене стана голема леснотија работејќи такви проекти. Авторството те учи на таа брутална искреност сам со себе. Оваа претстава иако нема авторство во однос на пишаниот збор, мојата лична идентификација е премногу силна со тие напишани зборови и можеби оваа претстава би ја дефинирала како ново поглавје во кое влегувам во фаза на психолошки реализам кој се’ повеќе ми станува интересен. Интересен затоа што е жив, затоа што е природен, дел од секојдневието. А уште поинтересен ми станува секој ден на пробите, затоа што имам и одлична екипа на актери кои исто така секој од нив има свој длабок психолошки свет и имаат многу што да кажат на темата. Сепак оваа претстава сака да комуницира со публиката на еден жив начин, без метафори, симболи, патетика. Само реално и вистинито. Трагедијата на нашиот главен лик во драмата е што не може да биде слушнат. А тоа е секојдневна борба на сите нас.
Трн: Колку театарот денес, според тебе, има моќ реално да „вознемири“ или промени нешто кај публиката?
Тea: Многу комплицирано прашање. Што денес реално има моќ да “вознемири”? Ајде да тргнеме од тоа. Ако не не’ вознемири некоја реална општествена трагедија доволно за да направиме промена, тогаш која е можноста театарот воопшто нешто да вознемири? Во однос на театарот, за мене најголема моќ има бруталната реалност и вистина. А во театарот за публиката таа моќ најмногу ја поседува еден актер. Тоа е првиот контакт на публиката со една претстава. Публиката се идентификува со актерот пред се’. Еден актер ја има целата моќ на сцената кога не лаже. Кога до крај е брутално искрен. Кога до крај се’ поминува низ него. Кога ја кажува само и само вистината. Еден режисер е моќен кога е брутално искрен сам пред себе и пред другите. Да си признае прво сам на себе зошто ова што го прави е добро или пак воопшто не е добро.
Веројатно во тие мигови на брутална искреност можеме да допреме до публиката, а кога ќе допреме веројатно се случува и промена. Навистина би била многу задоволна кога оваа претстава ќе ме натера и мене лично да променам некои работи кај себе, дека промената ќе тргне и од мене и од моите актери. Дека првично нас ќе не’ направи подобри или ќе не научи да не ја одложуваме вистината. Веројатно така би дошла промената и кај публиката. Публиката кога ќе се идентификува со главниот проблем, тоа значи и некаква промена, ако не е промена, барем е промисла.
Трн: Жените во театарот и филмот денес. Се поприсутни и погласни. Како ја гледш нивната улога денес?
Тea: Никогаш не сум ги гледала така работите или пак сум го игнорирала тој момент – мажите и жените во оваа професија. Или пак само сум си ја одложувала вистината 🙂 дека сепак е така. Дека има мажи и жени во оваа работа. Ќе треба да поработам на тоа, да се соочам со таа вистина 🙂 Сакам некако природно да течат тие работи, да не им се дава многу значење. Но, ајде да бидеме брутално искрени. Да, жените се поприсутни и погласни, тоа е добро. Жената треба да се избори за секоја своја позиција со својата мудрост и храброст која и те како ја поседува.
Еве една зен приказна за мудроста на жената. Во едно мало место дошол некој војник кој бил многу познат по својата суровост како маж. Сите луѓе веднаш се затвориле дома и само молчеле. Само една жена останала надвор пред прагот на својата куќа и го метела дворот. Војникот ја прашал: Зарем не се плашиш? Жената без да го крене погледот, метејќи му рекла: Сега метам. Во тој миг војникот го извадил својот меч и рекол: А сега!? Таа се исправила, го погледнала и му рекла: Сега стојам. Војникот долго долго ја гледал. Потоа го вратил мечот назад и си заминал. Жената продолжила да го чисти својот праг. Ете таква е некако мудроста и храброста на жената. Таа е целосно присутна, дури и кога е страшно. Тоа не значи дека не чувствува страв, туку не дозволува ништо да ја измести од она што е сега и тука. Ете така ја гледам улогата на жената и во општествени рамки, и во создавањето, во раѓањето и во носењето големи и важни одлуки.

Трн: Колку е тешко да се прави ангажиран и искрен театар во општество уморно од кризи?Што те движи понатаму – теми, форми, прашања?
Тea: Ништо не може да биде така тешко ако е искрено. Навистина е така. Ние како да сакаме да ги гледаме работите од тешката страна. Леле многу е тешко ова што го правам или сакаме да го направиме. И тоа се недоречени вистини. Одложени вистини. Зошто така тешко гледаме на работите? Кој е тој што не ни ја кажал вистината или пак ни кажал нешто погрешно? Што толку сме одложувале во нашите глави да кажеме, па толку ни станало тешко и да се доведеме до таква криза? Зошто никој не не’ научил дека нема тежина, туку само уживање низ или преку таа тежина. Зошто им е направена на пример таа перцепција на децата дека одењето на школо е тешко, тестот по математика е тежок, тешко е да добиеш петка, лошо е да добиеш единица. Зошто перцепцијата за сите тие работи не е уживање, радост, зошто не е претставена така, со некаква леснотија? Зборувам генерално.
Не сакам така да ги гледам работите, дека сме уморни, веќе истрошени и изморени. Да, е криза, голема криза општествена, глобална… Голем апсурд на времето е што во 21 век луѓето немаат вода за пиење, за храна не сакам ни да почнам да зборувам. Луѓето се изморени, сите сме уморни. Имавме и тешка и трагична мината година. Во ред. Не смееме да си дозволиме да сме во константна криза и само зборување околу неа. Мораме активно да работиме и на себе и на другите, да ги менуваме работите со континуирана присутност во сегашниот миг. Не велам дека треба да имаме игноратски однос кон реалноста, па секој да си живее како мисли. Ние токму за тоа правиме претстава сега. “Ова е само крајот на светот” е против тој игнорантски однос. Но е исто така против неискреноста. Ние мораме отворено и искрено да разговараме и да почнеме да ги приметуваме важните работи. Мене секојдневно ме движат некои нови теми, форми и прашања кои најчесто се поврзани директно со секојдневието, директно со луѓето кои ги среќавам, случките што ги гледам. Се трудам да не го игнорирам сегашниот момент, тој ми е најважен во носењето одлука што е следно.
Трн: По премиерата на 7 март, што следува за тебе?
Тea: За мене следува припрема на уште една премиера и проби за истата. Живи здрави раѓање на нов живот и премиерно станување мајка и потоа ќе се поклонам пред животот како публика 🙂 Се надевам ќе добијам и аплауз 🙂
Многу случајно се погоди да работиме претстава која се вика “Ова е само крајот на светот”, а во меѓувреме во мене расте нов живот. Тоа се контрастите и убавините на животот. За мене допрва почнува ново поглавје кое верувам дека ќе ме води во нови креативни откритија, нови теми, нови вистини. Имам уште такви теми како оваа што ја работам сега, коишто што силно ме допираат и стојат во фиока, и верувам дека и за нив ќе дојде вистинскиот момент. Како што реков на почетокот, не работам толку често, но моето запознавање со актерите во било кој театар сакам да биде специјално и ново за тој ансабл, за мене. Би сакала да работам во сите театри секако.
Ја поканувам публиката на нашата претстава во која горчливо ќе се пронајде и симпатично ќе се насме, едноставно би сакале додека гледате да ви случи живот. По нашата премиера следуваат уште многу други премиери во Драмски кои оваа година ќе ја одбележат достоинствено и така како што му доликува на нашиот театар, нашиот ансабл кој го заслужува најдоброто заедно со публиката.
