Иако Свифт е долгогодишна пријателка на Лајвли, таа досега не беше директно поврзувана со спорот. Нејзиното име се појави во контратужбата на тимот на Балдони за клевета, каде беа објавени и некои пораки во кои се спомнува Свифт.
Балдони ја тужи Лајвли и нејзиниот сопруг Рајан Рејнолдс за 400 милиони долари.
Портпаролот на Тејлор Свифт изјави за CNN:
„Тејлор никогаш не била на снимање на филмот, не учествувала во креативни одлуки, не ја гледала монтажата и ја видела финалната верзија дури неколку недели по премиерата. Нејзината единствена поврзаност со проектот е дозволата за користење на нејзината песна My Tears Ricochet, како и уште 19 други автори.“
Според него, повикувањето на Свифт е обид нејзиното име да се искористи за медиумска сензација наместо за фокус на вистинските правни прашања.
Портпаролката на Лајвли, пак, изјави:
„Случајот се обидуваат да го претворат во таблоидно шоу. Станува збор за сериозно прашање на сексуално вознемирување и одмазда, а не за забава.“
Да потсетиме:
Блејк Лајвли во декември 2024 година го пријави Балдони за сексуално вознемирување и одмазда во Калифорниското одделение за граѓански права. Таа тврди дека тој, заедно со неговиот ПР тим, спровел медиумска кампања за уништување на нејзиниот углед.
Балдони ги негира обвинувањата и тврди дека Рејнолдс и Лајвли се обиделе да го „преземат“ филмот. Тој вели дека Рејнолдс дури напишал сцена и тајно менувал делови од сценариото, и дека го исмеал во филмот Deadpool & Wolverine преку нов лик.
Адвокатот на Рејнолдс бара негово исклучување од тужбата, нарекувајќи ја „неоснована и заснована на лични чувства“.
Судскиот процес е закажан за март 2026 година.