Триста метри под земја, во близина на босанскиот град Коњиц, се наоѓа бункер кој Јосип Броз Тито наредил да се изгради како тајна воена инсталација во случај на нуклеарна катастрофа.
Овој објект, познат како Д-O “ARC”, бил предвиден како засолниште за Тито, неговото семејство и 350 најважни политички и воени соработници. Изграден е во најголема тајност помеѓу 1953. и 1979. година, за време на Студената војна, и бил опремен со најсовремена технологија од тоа време.

Бункерот е изграден внатре во подножјето на планината Златар, и претставува едно од најголемите подземни засолништа некогаш изградени во поранешна Југославија. За време на изградбата, работниците биле внимателно избрани и обврзани на тајност, а сите членови на персоналот поминале ригорозни безбедносни проверки.
Структурата се простира на 6.854 квадратни метри и се состои од три главни делови. Првиот дел е маскирана зона, во која се наоѓаат резиденција за надзор и техничка поддршка. Вториот дел е заштитен со метални врати и тунели кои водат до самиот центар на бункерот, кој бил дизајниран да издржи удар со јачина од 20 килотони. Третиот дел вклучува простории за живеење, комуникација, противпожарни системи, како и резервоари за вода и нафта.
Бункерот бил одржуван на идеална температура од 21 до 23 степени, со влажност од 60 до 70 проценти, што обезбедувало поволни животни услови. Осветлен бил со 6.000 неонски сијалици, а изградбата траела 26 години и чинила 4,6 милијарди долари. По смртта на Тито во 1980 година, бункерот останал во подготвеност, а за време на распадот на Југославија во 1992 година, ЈНА се обидела да го уништи комплексот за да спречи да падне под контрола на новата власт, но војниците ја одбиле таа наредба и го предале бункерот на владата на Босна и Херцеговина.
Денес, бункерот е претворен во уметнички музеј и служи како потсетник на времето кога заканите од нуклеарна војна биле секојдневна реалност.