Во судскиот процес им се судеше на нејзиниот поранешен сопруг Доминик Пелико и на уште 50 други обвинети, кои ги регрутирал преку Интернет да ја силуваат неговата сопругата, дрогирана и целосно онесвестена во нивниот дом во Мазан.
Изборот што го направи Жизел Пелико, одбивајќи судење зад затворени врати, откажувањето од своето законско право на анонимност ја направи хероина ширум светот во време кога повика на промени во Франција и пошироко, пишува американскиот магазин, кој ја опишува како „обична жена која, соочена со лична трагедија, реагирала на извонреден начин“.
„Сакав сите жени кои беа жртви на силување да си кажат ‘Госпоѓа Пелико го направи тоа, ние можеме да го направиме тоа’. Не сакам повеќе да се срамат. Срамот не е наш, нивен е“, објасни седумдесетгодишната жена на почетокот на судењето минатата есен. „Сакам мојот пример да им служи на другите.“
По повеќе од три месеци судење, Доминик Пелико беше осуден на дваесет години затвор. Тој не се пожали. Неговите 50 кообвинети, на возраст меѓу 27 и 74 години, од кои повеќето беа прогласени за виновни за силување, беа осудени на три години затвор, од кои две условни, до петнаесет години за човекот кој шест пати ја силувал Жизел Пелико.
Ново судење, за тринаесетте мажи кои поднеле жалба, ќе се одржи есенва во Ним.
Тајм ја избра Жизел Пелико меѓу дванаесет други жени, вклучително и актерката Никол Кидман, две врвни спортистки, гимнастичарката Џордан Чилс и кошаркарката Аја Вилсон и Аманда Зуравски, жена на која ѝ беше одбиена соодветна медицинска нега во Тексас, иако беше извесно дека во 18-та недела од бременоста ќе го изгуби своето бебе.