Ги минавме првите критични 72 часа без нови смртни случаи, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари на прес-конференција претпладнево.
„Нема починати меѓу оние кои ја преживеаја трагедијата. Се надевам дека сите пациенти ќе закрепнат и полека-полека да зборуваме колку пациенти си одат дома“, изјави Таравари.
Тој го даде и последниот пресек на бројките на пациенти во домашните и во странските болници. Како што истакна, во македонските државни болници се третираат 64 пациени, во приватните – 13, а надвор од државата се преземени 101 лице. За нив рече дека се наоѓаат во релативно стабилна состојба.
За денеска најави дека ќе биде реализиран последниот трансфер на пациенти во странство. Ќе заминат пет лица лод кои две во Шведска.
„Денеска ги испраќаме последните пациенти во странство, двајца одат во Шведска, и после нив уште тројца, и толку завршуваме нема повеќе потреба. Дури очекуваме да почнат да се враќаат од таму“, рече Таравари.
Тој напомена дека еден пациент од Клиника денеска си оди дома, како и од Штип двајца.
„Еден пациент се испишува си оди дома од Клиника. Во Штип на лекување има тројца пациенти, и двајца се пуштаат дома, ќе остане само еден“, рече Таравари.
По прекинот што настана за третман на пациентите од пожарот во Кочани на хируршките килини во Скопје од денеска ќе продолжат операциите за онколошки пациенти, а се очекува од утре клиниките да работат со целосно планираните програми, најави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Од денеска хируршките клиники ќе почнат да функционираат не со полн капацитет, туку само за онколошки пацинети, а од утре по состанокот на кризниот штаб се надевам сите клиники да работат комплетно со програмите што биле планирани, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.