Иако неговиот десетти и последен филм сè уште не е на повидок, Квентин Тарантино не мирува – овојпат со нов амбициозен проект заедно со Силвестер Сталоне.
Според информации на TMZ, Тарантино ќе биде коавтор и ко-режисер на нова гангстерска серија сместена во 1930-тите години, заедно со Силвестер Сталоне. Серијата ќе биде снимена во црно-бела техника, користејќи камери од истиот период, со што се стреми кон максимална автентичност.
Проектот е замислен како лимитирана серија од шест епизоди, а иако деталите за приказната засега не се откриени, се најавува дека ќе вклучува гангстери, шоу-девојки, бокс и музика – комбинација која силно асоцира на класичниот Холивуд.
Засега не се познати актерите, но според првичните информации, Сталоне нема да се појави пред камера, туку ќе биде вклучен исклучиво како режисер.
Уште во 2023 година, Тарантино најави дека планира серија од осум епизоди, што отвори бројни шпекулации меѓу фановите. Сè уште не е официјално потврдено дали токму овој проект е оној на кој мислеше, но многумина веруваат дека станува збор за истата идеја.
Тарантино со години јавно го пофалува Сталоне, нарекувајќи го „одличен актер“ и истакнувајќи го неговото влијание врз жанровската кинематографија. Тој има изјавено дека „Rocky“ од 1976 година бил еден од филмовите што го инспирирале да се посвети на филмот.
Во својата книга „Cinema Speculation“, Тарантино го пофали и режисерското деби на Сталоне, „Paradise Alley“, нарекувајќи го „чиста визија“, и покрај мешаните критики што филмот ги добил.
Од друга страна, Сталоне во минатото одбил две улоги што му ги понудил Тарантино – во „Jackie Brown“ и „Death Proof“, поради креативни несогласувања.
Со девет режирани филмови зад себе, меѓу кои „Rocky“, „Rambo IV“ и „The Expendables“, Сталоне сега повторно се враќа зад камерата – овојпат во соработка со еден од највлијателните режисери на денешницата.