Голем танкер за сурова нафта, кој вчера беше запленет од американските сили кај брегот на Венецуела, од 2024 година систематски ја лажирал својата локација за да го сокрие транспортот на санкционирана нафта од Иран и Венецуела.
Танкерот Skipper, кој плови под знамето на Гвајана, уште од 2022 година се наоѓа под санкции на Канцеларијата за контрола на странските средства на САД (OFAC), исто како и нафтената индустрија на двете земји, пренесува CNBC.
Според податоците на водечката енергетска консултантска компанија Kpler, Skipper покажувал „јасен образец“ на лажирање на својата позиција. Мат Смит, главен американски аналитичар во Kpler, изјави дека средината на ноември бродот тајно натоварил 1,1 милион барели нафта. Наводно тргнал кон Куба, иако во реалноста бил закотвен кај брегот на Венецуела уште од моментот на товарење.
Во последните две години се забележани повеќе од 80 дена во кои постојат докази дека Skipper учествувал во т.н. AIS-лажирање со цел да ја прикрие својата реална локација.
AIS – автоматскиот систем за идентификација на бродови – ги прикажува податоците за позиција, курс, брзина и регистрација во реално време. За време на периодите кога локацијата била скриена, Skipper извршил повеќе претовари од брод на брод.
„Емитирани се лажни позиции, особено во подолги периоди на AIS-лажирање“, изјави Димитрис Амбаџидис, менаџер за ризик и усогласеност во Kpler.
„Skipper учествувал во активности кои целосно се коселе со неговото пријавено патување, вклучувајќи санкционирани товари во Иран и Венецуела.“
Тој додаде: „Овие активности создаваат јасна слика – пловило конструирано да работи надвор од транспарентноста, со дигитална манипулација и тајна логистика за да прикрие проток на санкционирана сурова нафта под маската на нормален поморски сообраќај.“
Санкционирани патувања
Податоците од пристаништата покажуваат дека во 2025 година Skipper превезувал нафта од венецуелската лука Хозе и од иранскиот остров Кхарг. Во 2024 година го посетил сириското пристаниште Банијас и повторно островот Кхарг, а во 2023 бил регистриран во венецуелската лука Хозе.
Сопственик на бродот е компанијата Triton Navigation Corp. од Маршалските Острови, а вистински сопственик на товарот и оператор е Thomarose Global Ventures Ltd. од Нигерија. Triton Navigation се наоѓа на OFAC-листата на санкции од ноември 2022 година.
Притисок врз Венецуела
Аналитичарите сметаат дека заплената е дел од поширока стратегија за притисок врз венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
„Верувам дека целта на заплената е да ги натера купувачите на нафта и сопствениците на танкери што работат во таканаречената ‘сенковна флота’ да бидат попретпазливи при товарење венецуелска сурова нафта, намалувајќи ги приходите на Мадуровата влада и на крај забрзувајќи го неговото заминување“, изјави Ендру Липоу, претседател на Lipow Oil Associates.
„Со цените на нафтата под 60 долари за барел, изгледа дека администрацијата не е многу загрижена за отсуството на венецуелската нафта на пазарот – има доволно нафта“, додаде тој. „Од друга страна, Кина би била незадоволна од губењето пристап до нафта со голем попуст.“
Заплената се случи во момент кога претседателот Доналд Трамп го зголеми притисокот врз Мадуро, порачувајќи дека „му се одбројани деновите.“
