Конфликтот меѓу САД и Иран, кој трае повеќе од еден месец и се прошири низ Блискиот Исток, влегува во нова фаза со сериозни воени и економски последици.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека американските сили го уништиле „најголемиот мост во Иран“, додавајќи дека „следуваат уште многу напади“. Според извештаите, погодениот мост е долг околу 1000 метри и се смета за еден од највисоките во регионот.
Иран со закани и контранапади
Одговорот од Иранска револуционерна гарда не изостана. Тие соопштија дека извршиле напад врз објект поврзан со Aмазон во Бахреин. Ирански воени претставници дополнително предупредија дека во случај на копнена инвазија од страна на САД, „никој нема да преживее“, што укажува на ризик од уште поширока ескалација.
Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, ги осуди американските напади врз цивилна инфраструктура, оценувајќи ги како „знак на морален пад“.
Енергетски и економски шок
Поради зголемената несигурност, танкерите почнуваат да користат алтернативни рути низ Ормуски теснец – една од најважните светски точки за транспорт на нафта.
Пазарите веќе реагираат и цената на нафтата расте, а азиските берзи бележат пад.
Ова ја засилува глобалната загриженост за енергетска стабилност и инфлација.
Политички тензии и НАТО
Во меѓувреме, генералниот секретар на НАТО се очекува да го посети Вашингтон, во момент кога Трамп повторно се заканува со можен излез на САД од алијансата. И покрај тоа, дипломатите од НАТО засега не изразуваат сериозна загриженост, оценувајќи ги ваквите изјави како дел од веќе позната реторика.
Во домашен контекст, дополнителни реакции предизвикаа информации дека синовите на Трамп преку компанијата Powerus продаваат дронови на земји од Персискиот Залив.
Ова отвора прашања за потенцијален судир на интереси, со оглед на тоа што би можеле директно да профитираат од конфликтот инициран од нивниот татко.
Ситуацијата на Блискиот Исток брзо се влошува, со зголемен ризик од регионален, па дури и глобален конфликт. Воените удари, заканите и економските потреси укажуваат дека кризата далеку од завршена – напротив, влегува во уште поопасна фаза.