На 28 ноември 2025 (петок), 20:00 часот во Центарот за култура – Битола ќе се одржи музичка вечер која ветува да остане долго во сеќавањето на гледачите. Тања Царовска и НУ Камерен оркестар Битола ќе ја претстават својата нова заедничка програма – извонредно музичко патување околу светот што ги спојува традициите, јазиците и културите во една фина, софистицирана фузија.
Царовска, со меѓународна кариера во филмската музика што трае речиси три децении, зад себе има вокални изведби што одекнуваат во филмови, театарски сцени и танцови продукции ширум планетата. Нејзиниот глас, препознатлив по емоцијата, патува преку јазици и музички традиции – од арапски и грчки, до ирански, индиски, бангладешки и ерменски. Но без разлика каде го носи сцената, таа секогаш се враќа кон коренот: македонската традиционална песна.
Овој специјален проект претставува личен избор на традиционални композиции што Царовска ги собирала низ годините, песни што ја следат низ нејзиното уметничко патување и ја оформиле нејзината музичка чувствителност. Во соработка со Камерниот оркестар Битола, тие мелодии добиваат нов, модерен и истовремено длабоко емотивен звук – богат, оркестрален, и исполнет со атмосфера што ја преминува границата меѓу жанровите.
Настанот е дел од 17. Фестивал на музика од светот и претставува редок момент кога македонската публика може да го доживее овој интернационален музички ракурс во живо.
