„Танго приказна“ на камерниот состав „Агогик“ во Струмица

Концертната турнеја „Танго приказна“ има цел доближување на танго културата, музиката и на танцот до широката македонска публика

Во Центарот за култура Струмица, вечерва во 20:00 часот, ќе се одржи третиот концерт од концертната турнеја камерниот состав „Агогик“ со наслов „Танго приказна“. Љубителите на музиката и на танцот ќе имаат концертно танго доживување со камернио оркестар и со сценскиот настап на Владанка Колева и Онур Мок од „Центар 213“.

Концертната турнеја „Танго приказна“ има цел доближување на танго културата, музиката и на танцот до широката македонска публика. Првиот концерт беше реализиран во Скопје, на 14 мај, во Културно-информативниот центар, а вториот на 12 јуни, во прекрасната сала на Офицерскиот дом во Битола, со извонреден успех.

На концертот, публиката ќе има можност да ужива во прекрасните танго композиции, милонги, валцери од најпознатите композитори на тангото како А. Пјацола, Ф. Канаро, К. Гардел и други познати композитори.

Камерниот состав „Агогик“ во состав Филип Петрески на хармоника, Ајхан Куртов на пијано и Пламенка Трајковска на виолина повеќе од 15 години ја носи магијата на танго музиката кај нас. Досега настапиле на речиси сите македонски сцени и познати манифестации како „Скопско лето“, „Бит-фест“, „Штипско културно лето“, „Топол културен бран“, „Кавадаречка културна есен“, „Велешко културно лето“ и многу други настапи на концертните сцени во Македонија и на концерти во Србија и во Грција.

Публиката ќе може да ужива во сценскиот настап на Владанка Колева и Онур Мок од „Центар 213“, кои досега настапиле на повеќе домашни и странски сцени во Словенија, Хрватска, Босна и на други танго сцени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни