Францускиот институт во Скопје и Танц-Фест, Месецот на франкофонијата Танц-Фест ќе го отворат со танцовиот спектакл „F_AI_LLE“ на француската танцова група K.Danse.
Претставата ќе биде изведена во вторник, 10 март 2026 година, во 20 часот, во Македонскиот народен театар.
Танцовата претстава „F_AI_LLE“ е истовремено и интерактивна инсталација што го истражува дијалогот помеѓу човечкото тело и вештачката интелигенција.
На крстосницата помеѓу современиот танц и дигиталните истражувања, ова дело ја преиспитува нашата врска со нормите, технологијата и креативноста.
Секој учесник станува ко-креатор и сведочи уникатно уметничко дело што се менува во зависност од сопственото движење и односот кон вештачката интелигенција.
Во рамките на посетата на трупата ќе се реализира и програма на работилници од 9 до 13 март во неколку градови низ земјата — Скопје, Битола, Куманово и Тетово — под водство на кореографот Жан-Марк Матос. Работилниците се наменети за актери од областа на танцот, млади изведувачи и наставници по француски јазик.
Овој проект, поддржан во рамките на програмата FEF „Дигитални уметности“, ја истакнува продукцијата на современото франкофонско творештво и ги зајакнува уметничките соработки помеѓу Франција и Северна Македонија.