Dancers united, место на љубов за децата со посебни потреби

Танцот е прекрасна алатка за дестигматизација, борба против врсничко насилство и инклузија

Dancers united неделава одбележува десет години од формирањето на првата инклузивна танцова група. По повод 3 ти декември, Денот на лицата со попреченост, оваа танцова група нè потсети на сите активности во изминатите години и уште еднаш го стави фокусот на сцената на лицата со попреченост и на нивните бескрајни можности. Секоја година и секоја претстава во Dancers united е патување на страст, инспирација, уметност и пред сè многу љубов. 

– Оваа јубилејна година на Dancers united, ја посветуваме на психофизичкиот развој на децата и младите, на креирање на нови можности и платформи за инклузија, активно вклучувајќи се во антибулинг кампањи и кревањето на свеста и самодовербата кај децата за самите себеси. Танцот е прекрасна алатка за дестигматизација, борба против врсничко насилство и инклузија. Градиме заедница на деца и на млади луѓе кои другаруваат, патуваат заедно, освојуваат награди на натпревари и ги поттикнуваме да ги негуваат тимските и личните вештини. Кога почнавме со инклузивна група тоа беше чисто од љубов. Да направиме едно место каде што сите сме добредојдени и каде што сите ќе можат да се пронајдат себе си, меѓутоа потоа отидовме на првиот натпревар каде што публиката имаше многу позитивна реакција и многу позитивно не примија. Танчерите конечно можеа да го покажат тоа со години што сме го учеле и одлучивме оваа група да стане професионална. И еве, денес сме тука. Деветта инклузивна танцова престава и по повод јубилејот правиме ретроспектива на сиве овие 10 години што ги работиме со нив – вели Сара Кочан од  Dancers united.  

Низ годините, оваа танцова група се натпреваруваше во латино и карипски танци, хип хоп и модерен балет. Секој стил овозможува на различен начин да се изразат младите танчери и да ја покажат својата креативност и страст кон танцот. Танцовата престава која ја гледавме во вторникот беше одраз на сè што ова група постигнала заедно, а тоа е разновидност, иновативност и чиста убавина , која на сцената ги спои сите без разлика на нивните различности.

И токму во тие различности е убавината. А она што особено маѓепсува е радоста и среќата на сите оние кои учествуваа во оваа инклузивна престава.

-Сите сме ние маргинализирани на накој начин и само треба да ги отвориме вратите и да ги примиме оние кои се малку поразлични од нас. Јас би рекла и на другите колеги кои што веќе многу работат, да пробаат и да немаат стигми и страв дека е нешто поразлично. Сосема е исто. Многу е убаво и мора да кажам дека не учат они од нас колку што ние учиме од лицата со попреченост. Кога ќе видиш некој кој што се мачи да постигне и не му е се дадено, меѓутоа постигнуваа резултати кои многу од нас нема да можат ни да го постигнат ниту да го сонуваат. И кога ќе видиме дека они можат, автоматски нас не мотивираат и ни даваат поттик ние повеќе да работиме. Тоа е таа тотална инклузија. Фактот дека не се гледаме  со различни очи. Сите сме си еднакви. Сите сме исти и пред се сите сме другари. – вели Сара.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни