Нов успех за Тамара Котевска: Sundance ги поддржа „Мамутите“

Sundance Institute го поддржа новиот документарен филм „Мамутите“ на Тамара Котевска, во силна меѓународна конкуренција.

Новиот документарен филм на Тамара Котевска, „The Mammoths that Escaped the Kingdom of Erlik Khan“, е меѓу добитниците на поддршка од Sandbox Fund на Sundance Institute за 2026 година.

Sandbox Fund е програма на Sundance Institute што поддржува ограничен број иновативни документарни филмови од светот, особено проекти што се движат на пресекот меѓу науката и раскажувањето. Поддршката за новиот филм на Котевска доаѓа во силна меѓународна конкуренција и претставува уште едно значајно признание за македонска авторка на глобалната документарна сцена.

„The Mammoths that Escaped the Kingdom of Erlik Khan“ е копродукција меѓу Данска, Македонија, Обединетото Кралство и Португалија, а Котевска се потпишува како режисерка и продуцентка. Филмот ја следи приказната на млад одгледувач на ирваси од јакутската тундра, кој се наоѓа пред избор меѓу традиционалниот начин на живот и современите ловци на мамутски заби. Снимањето се одвива во екстремни услови во Сибир, а филмот ја отвора сложената врска меѓу традицијата и новите економски притисоци.

Минатата година Тамара Котевска се претстави во Венеција со два документарни филма. Проектот за „Мамутите“ беше селектиран на копродукцискиот маркет, додека „Приказната за Силјан“ ја имаше својата европска премиера. Котевска, заедно со Љубомир Стефанов, претходно беше двојно номинирана за Оскар за документарниот филм „Медена земја“.

Покрај Котевска, меѓу авторите поддржани од Sandbox Fund за 2026 година е и македонскиот режисер Љубомир Стефанов. Овој податок дополнително го потврдува силното присуство на македонските документаристи на меѓународната сцена.

Извршната директорка на Sandbox Films, Џесика Хароп, посочи дека авторите поддржани преку овој фонд создаваат исклучителни дела на пресекот меѓу уметноста и науката, нагласувајќи дека потребата од вакви приказни во независниот филм станува сè поголема.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни