Талибанците забранија 679 академски книги и учебници на авганистанските универзитети

Министерството за високо образование на Талибанците забрани 679 книги поради „неприфатлива содржина“, вклучувајќи теми од право, медицина, екологија и книги од женски авторки. Универзитетите се повикани да ги заменат со „соодветни алтернативи“.

Министерството за високо образование на талибанската власт забрани 679 учебници и академски книги за авганистанските универзитети, се наведува во официјална директива.

Министерството ја објави листата од 50 страници со наслови на забранети книги и материјали, откако формирало специјална комисија која утврдила дека станува збор за содржини кои се идеолошки, верски, политички, културно и академски неприфатливи.

Универзитетите се упатени да ги суспендираат овие материјали сè додека не се најдат соодветни алтернативи, пренесува агенцијата DPA.

Забранетите книги опфаќаат различни теми — од исламски прашања, право, економија, новинарство, книжевност и психологија, до инженерство, медицина, земјоделство и екологија.

Листата покажува дека многу книги се издадени во Иран, но забранети се и дела од арапски, западни и авганистански издавачи. Забранети се и книги чии автори се жени, иако министерството не прецизира дали забраната се однесува на сите женски авторки.

Извор од министерството, кој сакал да остане анонимен, изјавил дека првичниот предлог бил да се забранат сите книги од ирански издавачи и оние напишани од жени, но оти статусот на женските авторки сè уште се разгледува, и конечна одлука не е донесена.

Од враќањето на талибанците на власт во 2021 година, на девојчињата во Авганистан им е забрането да се школуваат по завршувањето на основното образование. Талибанската влада сè уште не е меѓународно признаена, освен од страна на Русија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни