Талибанската влада донесе одлука да ги отстрани сите книги напишани од жени од универзитетите во Авганистан.
Оваа одлука е дел од нова забрана која вклучува и суспензија на предавањата за човекови права и сексуално вознемирување. Околу 140 книги чијашто авторка е жена — вклучувајќи и наслови како „Безбедност во хемиска лабораторија“ — се меѓу 680 книги кои беа оценети како „проблематични“ поради „антиишерјатски ставови и спротивставување на талибанската политика“.
Исто така, на универзитетите е забрането предавањето на 18 предмети, бидејќи, според талибанските официјални лица, се „во спротивност со принципите на шеријатот“. Овaa регулативa е најновиот меѓу низата ограничувања што Талибанците ги воведоа откако се вратија на власт пред четири години.
Средината на септември, во најмалку 10 провинции е забранет оптичкиот интернет — исто така како одлука на врховниот лидер на Талибанците — мерка насочена кон „спречување на неморално однесување“.
Сега, дури и универзитетските предмети кои се однесуваат на жените станаа цел на забрана.
Шест од 18-те забранети предмети се специфично поврзани со жените — меѓу нив се „Пол и развој“, „Улога на жените во комуникацијата“ и „Сociologија на жените“. Талибанската влада соопшти дека ги почитува правата на жените според нивната интерпретација на авганистанската култура и исламскиот закон.
Член на комитетот за преглед на книги потврди дека делата што ги напишале жени се забранети, изјавувајќи за BBC Авганистан дека „не е дозволено да се предава со учебници чиј автор е жена“.
Закија Адeли, поранешна заменичка министерка за правда пред враќањето на Талибанците на власт и една од авторките чијашто книга се најде на листата на забранети, рече дека не е изненадена од овој потег.
„Со оглед на тоа што Талибанците направија во изминатите четири години, се очекуваше дека ќе воведат промени во наставните планови и програми,“ рече Адeли.
Таа нагласи дека поради мизогинските ставови и политики на Талибанците, жените немаат право на образование, па нивните идеи и ставови често се игнорираат или потиснуваат.
Новите правилници, кои новинарите на BBC Авганистан ги виделе, беа издадени кон крајот на август.
Заир Рахман Ариyуби, заменик академски директор во Министерството за високо образование на талибанската влада, навел во писмо до универзитетите дека овие одлуки ги донел комитет од „верски научници и експерти“.
Покрај книгите напишани од жени, се чини дека забраната е насочена и кон дела на ирански автори и издавачи, а еден член на комитетот за преглед на книги рече за BBC дека целта е „да се спречи инфилтрација на ирански содржини“ во наставните програми.
На списокот од 50 страници што беше испратен до сите универзитети во Авганистан се наоѓаат 679 наслови, од кои 310 се дела на ирански автори или се печатени во Иран.
Професор од една институција, кој сакал да остане анонимен, изразил страв дека ќе биде речиси невозможно да се пополни создадената празнина.
„Книгите на иранските автори и преведувачите се клучна врска помеѓу авганистанските универзитети и глобалната академска заедница. Нивното отстранување создава значителна празнина во високото образование“, рече тој.
Под вакви околности, професор од Кабул напомнал дека се принудени сами да подготвуваат делови од учебниците, имајќи предвид што е дозволено и што не е по правилата на талибанската влада. Клучното прашање е дали тие делови можат да бидат подготвени во согласност со глобалните стандарди или не.
BBC контактирало со Министерството за образование на талибанската влада за коментар.