Талибанците апсат мажи поради фризура или прескокнување молитва, велат од ОН

Во извештајот на мисијата на ОН во Авганистан, објавен во четврток, се наведува дека во првите шест месеци од спроведувањето на законите, повеќе од половина од приведените биле „мажи кои немале соодветна должина на брада или фризура или бербери кои ги бричеле или шишале брадите спротивно на прописите“.

Талибанската полиција за морал апсела мажи и нивните бербери поради фризури, а други поради пропуштање молитви во џамиите за време на Рамазан, се наведува во извештај на Обединетите нации објавен во четврток, шест месеци откако стапија на сила законите што го регулираат однесувањето на луѓето.

Министерството за пороци и доблести лани во август објави закони што опфаќаат многу аспекти од секојдневниот живот во Авганистан, вклучувајќи јавен превоз, музика, бричење и славења. Најзначајно е тоа што министерството издаде забрана за жените да зборуваат и да го откриваат лицето на јавни места.

Истата таа недела, висок претставник на ОН предупреди дека овие закони се „загрижувачка визија“ за иднината на земјата, покрај веќе постојните ограничувања за вработување, образование и облекување на жени и девојчиња.

Талибанските функционери ги отфрлија загриженостите на ОН во врска со законите за морал.

Во извештајот на мисијата на ОН во Авганистан, објавен во четврток, се наведува дека во првите шест месеци од спроведувањето на законите, повеќе од половина од приведените биле „мажи кои немале соодветна должина на брада или фризура или бербери кои ги бричеле или шишале брадите спротивно на прописите“.

Се вели и дека моралната полиција редовно приведува луѓе самоволно, „без соодветна процедура и правна заштита“.

За време на светиот месец Рамазан, строго се надгледувало присуството на мажите на задолжителните заеднички молитви, што понекогаш водело до произволно приведување на оние кои не се појавиле, се додава во извештајот.

ОН соопшти дека и двата пола биле погодени, особено луѓето со мали бизниси како што се приватни образовни центри, бербери и фризери, кројачи и угостители, што довело до намалување или целосна загуба на приходи и можности за вработување.

Директните и индиректните социо-економски последици од спроведувањето на законите веројатно ќе ја влошат тешката економска ситуација во Авганистан, се наведува во извештајот.

Студија на Светска банка проценува дека владината забрана за образование и работа може да го чини Авганистан повеќе од 1,4 милијарди долари годишно.

Талибанскиот лидер Хибатулла Акунџада го нагласи приматот на исламскиот закон и улогата на Министерството за пороци и доблести во реформата на авганистанското општество и неговиот народ.

Во пораката објавена пред религиозниот празник Рамазански Бајрам, кој го означува крајот на Рамазан, Акунџада изјавил дека е неопходно „да се воспостави општество без корупција и искушенија и да се спречат идните генерации да станат жртви на погрешни верувања, штетни практики и лош морал“.

Повеќе од 3.300 инспектори, претежно мажи, имаат задача да ги информираат луѓето за законите и да ги спроведуваат, се наведува во извештајот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни