Дали Македонија има човечки капацитет за технолошки натпревар со светот?
Според Тајле Локвенец, одговорот е да. Тој ја нагласува извонредната вредност на македонските млади таленти и потенцијалот што земјата го генерира со децении.
„Имаме огромен потенцијал во однос на квалитетот на младите луѓе што ги создава оваа земја,“ вели Локвенец, додавајќи дека клучната точка за напредок е подобрување на образовниот систем, кој ќе ја подигне вкупната компетентност на идните генерации.
Македонија вели тој, може рамноправно да влезе во новата технолошка ера:
„Апсолутно имаме капацитет да го фатиме бранот на вештачката интелигенција и да бидеме конкурентни со остатокот од светот.“
AI, според него, е технологија што ги намалува бариерите за влез и им овозможува на помалите земји да играат голема улога во глобалната иновација.
Од Прилеп до Харвард и Њујорк – патот на Локвенец
Локвенец истакнува дека корените, воспитувањето и вредностите стекнати во Македонија биле клучни во неговото патување низ САД.
„Различните перспективи што ги носам од Македонија ме направија покомплетна личност,“ вели тој, објаснувајќи дека тоа му помогнало посуштински да придонесува во американското општество и да изгради успешна компанија.
За Харвард, тој ја издвојува една највредна лекција:
„Највредното нешто што го добив е човечката врска – можноста да споделуваш идеи со големи умови, разговорите што често се случуваат надвор од училницата.“

Како Zenlytic го менува пристапот кон податоците
Zenlytic е аналитичка платформа што им овозможува на големите компании да пристапат до своите податоци без посредство на аналитичари. Ова го менува целиот корпоративен екосистем.
„Толку многу идеи се губат бидејќи луѓето немаат директен пристап до податоците,“ вели Локвенец.
Тој нагласува дека многу вработени се плашат да постават прашања – било поради срам, несигурност или чувство дека ќе бидат осудени. AI ја отстранува оваа бариера.
„Со AI, луѓето можат да постават какво било прашање. Тоа ја оспособува нивната креативност и отвора нови генерации на идеи.“
AI Tech Summit 2025 – еден збор: инспиративен
За AI Tech Summit 25, Локвенец ја издвои младата публика:
„Видов многу студенти по компјутерски науки. Она што ме инспирираше беше нивниот ангажман, љубопитноста, прашањата… Гледам како ме бркаат по ходниците додека земам кафе – сакам да разговараат, да прашуваат, да се вклучат.“
На самитот го воодушевија организацијата, говорниците и неверојатно активната публика, која според него е доказ дека Македонија ја гради новата генерација на технолошки лидери.
