Во Тирана отворена тактилната изложба „Допирот на уметноста од Битола“

Мултисензорна поставка со 12 тактилни експонати од Музејот во Битола овозможува културното наследство да се доживее преку допир и аудио-водичи.

На 16 февруари 2026 година, во Македонскиот културен центар во Тирана, свечено беше отворена тактилната изложба „Допирот на уметноста од Битола“, во организација на НУ Завод и Музеј – Битола.

Изложбата има силна инклузивна димензија, со фокус на еднаква достапност на културното наследство за сите посетители, вклучително и лицата со оштетен вид. Во рамки на мултисензорната поставка се претставени 12 тактилни предмети од богатото македонско културно наследство, дел од збирките на Музејот во Битола.

Предметите се технички адаптирани за допир, а посетителите имаат можност да се запознаат со нив преку тактилно искуство и преку QR-кодови што водат до аудио-содржини. На тој начин, изложбата овозможува доживување на културното наследство преку повеќе сетила, комбинирајќи визуелен, тактилен и аудитивен пристап.

Свеченото отворање го означи директорката на КИЦ Тирана, Ема Попивода, додека поздравен говор одржа и директорката на битолскиот музеј, м-р Маргарета Спасов, која ја истакна важноста од ваквите проекти за промоција на македонската култура надвор од државата.

Главниот иницијатор на проектите за достапност, д-р Ирена Ружин, ги водеше присутните низ поставката. Посетителите имаа можност директно да ги допрат 3Д моделите на кои се прикажани значајни македонски културни обележја, меѓу кои и Саат-кулата во Битола, како препознатлив симбол на градот.

Настанот доби поддршка и од Македонската амбасада во Албанија. На присутните им се обрати и вршителката на должност амбасадор, Радмила Стојмировска, која ја нагласи важноста од промоцијата на македонското културно наследство во регионот, но и значењето на достапните изложби како дел од пошироките општествени вредности на инклузија и еднаквост.

Со оваа изложба, битолскиот музеј и КИЦ Тирана испраќаат порака дека културата не треба да биде привилегија, туку право – достапно за секој граѓанин, без разлика на физичките ограничувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни