Швајцарија предлага такса за странци во транзит

Швајцарските пратеници туркаат предлог за нова такса за странски возачи што само поминуваат низ земјата, без подолг престој. Поддржувачите велат дека така ќе се намали метежот, додека владата предупредува на високи трошоци и можна реакција од ЕУ.

Швајцарија разгледува воведување посебна такса за странци што со автомобил, камп-приколка или мотор само транзитираат низ земјата на пат кон друга дестинација. Идејата доаѓа поради растечкиот метеж на швајцарските патишта, особено на правците што се користат како кратенка низ Алпите, а веќе доби поддршка во Горниот дом на парламентот.

Предлогот, што го туркаат десничарски и центристички пратеници, предвидува флексибилна такса чија висина би зависела од времето во денот, денот во неделата и густината на сообраќајот. Целта е повисока цена тогаш кога метежот е најголем, со надеж дека дел од транзитниот сообраќај ќе се одврати или пренасочи.

Што точно се предлага

Според предлогот, таксата би се однесувала на странски државјани што влегуваат во Швајцарија со приватно возило, камп-приколка или мотор, но без позначаен престој во земјата. Поддржувачите на мерката велат дека техничката примена е можна, бидејќи повеќе од 170 гранични премини веќе се опремени со автоматско препознавање регистарски таблички.

Токму тука, сепак, почнува и проблемот. Швајцарската влада предупредува дека би било сложено да се следи секој граничен премин и не е јасно што точно би се сметало за „суштински престој“ поради кој не би се плаќала таксата.

Зошто Берн е претпазлив

Федералниот совет не е воодушевен од идејата. Владата смета дека спроведувањето би било скапо и административно комплицирано, а дополнително постои и политички ризик во односите со Европската Унија. Иако швајцарскиот министер за транспорт оценил дека ваква такса би можела да биде усогласена со постојните договори со ЕУ, прашањето е како Брисел би реагирал политички.

Дел од експертите се скептични и околу ефектот. Според нив, мерката можеби би донела краткотрајно олеснување во денови со силен прекуграничен транзит, но не би направила голема разлика тогаш кога метежот го создава пред сè домашниот сообраќај, особено на правците како Готард.

Европска нервоза околу мсовен транзит

Ова не е само транспортна мерка, туку дел од пошироката европска нервоза околу масовниот транзит, туризмот и притисокот врз локалната инфраструктура. Швајцарија веќе со години бара начини да го ограничи сообраќајниот притисок на некои правци, а таксата за транзитни возачи би била уште еден обид дел од трошокот да се префрли врз оние што ја користат земјата како коридор, а не како дестинација.

Во исто време, ваквите идеи отвораат и политичко прашање: каде завршува оправданата заштита на локалната инфраструктура, а каде почнува порака дека некои патници се помалку добредојдени. Токму затоа дебатата околу оваа такса веројатно нема да остане само техничка.

Предлогот сега треба да помине и во Долниот дом на парламентот. Но и ако политички помине, вистинскиот тест ќе биде како мерката ќе се дефинира, колку ќе чини и дали навистина ќе го намали метежот што толку силно ги нервира швајцарските законодавци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни