Јапонскиот парламент денес повторно ја избра Санае Такaичи за премиерка на Јапонија, по убедливата победа на нејзината Либерално-демократска партија (ЛДП) на вонредните парламентарни избори одржани на 8 февруари.
Пред почетокот на седницата на парламентот, кабинетот на Такaичи поднесе колективна оставка, во согласност со Уставот, по што таа беше потврдена за премиерка на седница на Претставничкиот дом, Долниот дом на парламентот.
Се очекува во текот на денот Такaичи да го претстави новиот состав на владата. Според медиумските извештаи, министрите од нејзината прва влада, формирана во октомври по преземањето на лидерството на ЛДП, треба да ги задржат своите функции, вклучително и ресорите за надворешни работи, финансии и одбрана.
Според Кјодо, ЛДП освоила 316 од вкупно 465 пратенички места во Долниот дом, наспроти 198 колку што имала пред изборите. Со тоа, за првпат од Втората светска војна една партија стекнала двотретинско мнозинство во овој дом.
За претседател на Претставничкиот дом е избран ветеран од ЛДП и поранешен министер за правда, Еисуке Мори, додека за потпретседател е именуван Кеичи Иши од главната опозициска Центристичка реформска алијанса.
Такaичи ги распиша вонредните избори со распуштање на Долниот дом на 23 јануари, со цел да ја искористи високата поддршка на владата и да ја зацврсти позицијата на владејачкиот блок, кој покрај ЛДП ја вклучува и Партијата на јапонските иновации.
Изборниот резултат ѝ овозможува на владата стабилно мнозинство за спроведување на програмските приоритети. Според најавите, премиерката вечерва треба да одржи прес-конференција на која ќе ја претстави фискалната политика, вклучително и план за двегодишна суспензија на данокот на потрошувачка за прехранбени производи, ветување дадено во текот на изборната кампања.
Меѓу приоритетите е и подготвеноста за работа на измени на пацифистичкиот Устав, што е долгогодишна цел на ЛДП. За уставни измени е потребна двотретинска поддршка во двата дома на парламентот и потврда на референдум.
Во наредниот период се очекува формализирање на новиот кабинет и претставување на конкретните законски предлози поврзани со фискалната политика и евентуалните уставни иницијативи.