Тајванскиот претседател: „Кина има сериозни воени амбиции, немаме време за чекање“

Лаи Чинг-те порача дека Тајван ќе го брани суверенитетот, по кинеските ракетни и поморски вежби околу островот

Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те изјави дека Тајван мора итно да ја зајакне својата одбрана, предупредувајќи дека Кина покажува „сè посериозни воени амбиции“ и дека островот „нема време за чекање“.

Изјавата доаѓа само неколку дена по завршувањето на дводневните кинески воени вежби околу Тајван, кои вклучуваа истрелување ракети, ангажман на борбени авиони и воени бродови, јавува Euronews.

„Соочена со растечките експанзионистички амбиции на Кина, меѓународната заедница внимателно набљудува дали тајванскиот народ има решителност да се одбрани“, изјави Лаи во своето новогодишно обраќање.

Тој додаде дека неговата позиција е „јасна и непроменета“: зачувување на националниот суверенитет, јакнење на одбранбените капацитети и изградба на ефикасен механизам за одвраќање и демократска одбрана.

Говорот на тајванскиот претседател предизвика остра реакција во Пекинг. Портпаролот на Канцеларијата за тајвански прашања при кинеската влада го обвини Лаи дека е „саботер на мирот и воен хушкач“, пренесе државната агенција Xinhua.

„Без разлика што зборуваат или прават Лаи и властите на Демократската прогресивна партија, не може да се промени фактот дека Тајван е дел од Кина“, изјави портпаролот Чен Бинхуа.

Кина го смета Тајван за отцепена територија и повеќепати најави дека е подготвена да го припои островот и со сила доколку е потребно. Кинескиот лидер Си Џинпинг неодамна изјави дека „обединувањето со Тајван е неизбежно“.

Дополнителни тензии предизвикува и најавената продажба на американско оружје на Тајван во вредност од над 11 милијарди долари – најголемиот ваков пакет досега, кој вклучува ракети, дронови, артилериски системи и воен софтвер.

Стејт департмент на САД ги осуди кинеските воени вежби, оценувајќи ги како „непотребно подигнување на регионалните тензии“. Портпаролот Томи Пигот повика Пекинг на воздржаност и дијалог наместо воен притисок.

Како одговор на заканите, Тајван најави посебен одбранбен буџет од 40 милијарди долари за периодот од 2026 до 2033 година. Дел од средствата ќе бидат наменети за развој на напреден систем за противвоздушна одбрана, наречен „Тајванска купола“.

Претседателот Лаи претходно вети дека одбранбените трошоци ќе достигнат 5% од БДП, како дел од стратегијата за одвраќање од можна кинеска инвазија.

„Соочени со сериозните воени амбиции на Кина, Тајван нема време да чека“, заклучи тој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни