Потпретседателката на Тајван, Хсијао Би-кхим на посета во Брисел

Редок дипломатски настап на потпретседателката на Тајван, Хсијао Би-кхим, во Европскиот парламент ја означи сè посмелата политика на приближување на островот кон Европа, и покрај предупредувањата од Пекинг.

Потпретседателката на Тајван, Хсијао Би-кхим, вчера оствари редок дипломатски настап во Европа, присуствувајќи на состанок со пратеници во Европскиот парламент во Белгија, како дел од сè посмелиот пристап на Тајван кон европските институции.

Овој потег е од особен симболичен карактер, бидејќи Ватикан е единствената држава во Европа што има формални дипломатски односи со Тајван, додека останатите земји – од Велика Британија и Франција до Литванија и Полска – сè почесто ги игнорираат протестите на Пекинг и овозможуваат посети на високи тајвански функционери.

Иако министри од Тајван и претходно учествувале на меѓународни средби во земји што немаат официјални односи со Тајпеј, настап на толку висок функционер – потпретседател – е речиси невиден, имајќи го предвид ризикот од остри дипломатски реакции на Кина.

На годишниот Меѓупарламентарен сојуз за Кина, одржан во Европскиот парламент во Брисел, Хсијао изјави:
„Европа ја брани слободата под оган, а Тајван ја брани демократијата под притисок. Овде стојам како глас на општество длабоко посветено на идеалите што ги движат парламентите на демократиите ширум светот,“ порача таа.

Реакцијата од Пекинг не изостана. Кинеската мисија при Европската Унија остро реагираше, оценувајќи дека посетата „сериозно го нарушува начелото на една Кина, претставува мешање во внатрешните работи и ја поткопува довербата меѓу Кина и ЕУ“.

Кина го смета Тајван за дел од својата територија и никогаш не се откажала од можноста да ја користи силата за „повторно обединување“. Од друга страна, владата во Тајпеј тврди дека има право на самостојни односи со други земји и дека Кина нема право да диктира како островот ќе делува на меѓународната сцена.

Претседателскиот кабинет на Тајван соопшти дека Хсијао во Европа ја придружувал и министерот за надворешни работи Лин Чиа-лунг, потсетувајќи дека таа течно зборува англиски и дека претходно била де факто амбасадорка во САД.

Во своето обраќање, Хсијао нагласи дека стабилноста во Тајванскиот теснец претставува темел на глобалниот просперитет. Таа додаде: „И покрај нашето исклучување од меѓународните организации, Тајван останува ангажиран. Допринесуваме со хуманитарна помош и ги поддржуваме глобалните стандарди – дури и кога не ни е дозволено место на масата.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни