Тајно снимани жени во салони за убавина: Бугарија отвори истрага по објави на порнографски сајтови

Над 100 пријави до полицијата во Бургас, а меѓу жртвите има и малолетнички. Снимките циркулирале со години на порнографски сајтови и Телеграм канали.

Бугарските обвинители покренаа истрага откако беше откриено дека стотици жени биле тајно снимани за време на интимни козметички процедури во салони за убавина, а снимките подоцна биле објавувани и дистрибуирани на порнографски интернет-страници. Дел од видеата датираат уште од 2023 година, а случајот предизвика сериозен јавен шок во Бугарија.

Според информациите од обвинителството, жените биле снимани со скриени камери за време на третмани при кои често биле целосно голи, без нивно знаење или согласност. Снимките подоцна се појавувале на десетици порнографски сајтови и затворени Телеграм канали.

Обвинителката Марија Маркова изјави дека до полицијата во Бургас биле поднесени повеќе од 100 официјални пријави. Досегашната истрага опфаќа најмалку два салона за убавина во Бургас и еден во Казанлак, а под лупа се и други објекти низ земјата.

Особено загрижувачки е фактот што меѓу жртвите има и малолетнички на возраст од 15 до 17 години, што случајот го квалификува како тешко кривично дело со елементи на сексуална злоупотреба и сериозно нарушување на правото на приватност.

Една од жртвите, во изјава за бугарската телевизија „Нова“, опиша колку е трауматично сознанието дека била снимана: „Прво препознав пријатели и роднини, бидејќи многу од нас го посетуваат овој салон со години. Кога видов познато лице, почнав да барам дали ќе се појавам и јас. Чувството е одвратно и понижувачко – знаеш дека некој друг може да те препознае.“

Според бугарските медиуми, меѓу жртвите има и јавни личности: судијка, обвинителка, новинарка, како и ќерки на регионален гувернер. Некои од жените сведочат дека камерите биле поставени исклучително блиску и директно насочени кон нивните интимни делови.

Постојат и сериозни сомнежи дека одредени козметички процедури биле емитувани во живо, при што гледачите плаќале пристап преку криптовалути.

Полицијата досега ги испрашала сопствениците на салоните, како и сегашни и поранешни вработени, но апсења засега нема. Сопствениците ги негираат обвинувањата, а дел од нив тврдат дека нивните безбедносни камери биле хакирани.

Скандалот повторно ја отвори јавната дебата за дигиталното насилство врз жените, злоупотребата на приватноста и недоволната регулација и контрола во комерцијалните простори. Бугарските власти најавија проширување на истрагата и можни нови обвиненија, во зависност од дополнителните докази.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни