„Беше навистина лошо – имавме пациенти кои умираа на листите на чекање, а политичарите беа очајни“, се сеќава Јеспер Фискер, генерален директор на Данското друштво за борба против рак. Земјата немаше добра репутација – луѓето патуваа во Кина или Германија, плаќајќи ги лекувањата од сопствен џеб, само за да добијат третман кој не беше достапен дома.
Во тој период, резултатите за преживување беа загрижувачки. Петгодишната стапка на преживување кај рак на ректум во Данска била околу 48%, значително пониска од 59% колку што била во Австралија.
Сепак, Данска одлучи да се промени. Планот беше храбар и сéопфатен. Почна со инвестиции во современа болничка опрема – од наjсовремени скенери до модерни лаборатории – за да се подобри дијагностиката и да се зголеми капацитетот за третман. Д-р Мајкл Андерсен, консултант радиолог, објаснува дека од 2008 година биле набавени десетици CT скенери, кои се клучни за прецизно следење на болеста. Денес, Данска има околу 30 скенери на милион жители, што е над просекот на други развиени земји.
Но, реформата не се однесуваше само на технологијата. Болниците се трансформираа во простори кои ја подобруваат психолошката благосостојба на пациентите. Болницата Херлев на периферијата на Копенхаген, на пример, е украсена со 65 живописни слики на данскиот уметник Поул Гернес, создавајќи пријатна атмосфера која ги одвлекува пациентите од стресот.
Пациентите исто така добија можност да примаат хемотерапија дома, наместо да бидат затворени во болнички соби. Нови национални стандарди налагаат дијагноза да биде поставена во рок од две недели од упатувањето, а третманот да започне во рок од две недели од дијагнозата. Ако роковите не се испочитуваат, пациентите имаат право да се лекуваат во друга болница – или дури во странство – со трошоци покриени од данскиот здравствен систем.
Приказните на пациентите зборуваат за успехот на овој систем. Елизабет Кетелсен (82) беше дијагностицирана со рак на дојка и во рок од три недели имаше операција и почна радиотерапија. Кога болеста се врати, веднаш доби хемотерапија и терапија со лекови, а потоа се врати на своите спортски активности.
Мајкл Циглер, градоначалник на Хøје-Тaаструп и пациент со леукемија, ја примаше хемотерапијата дома преку „хемо-пумпа“, што му овозможи да продолжи со нормален живот и работа, минимизирајќи го ризикот од болнички инфекции.
Клучот на успехот, како што објаснува Јеспер Фискер, е политички консензус. Од 1990-тите, сите партии се согласиле дека борбата против рак е приоритет. „Ако сте навистина решени и подготвени да вложите, може да се постигне успех. Но, ништо не доаѓа без вложување.“
Данскиот пример покажува дека вистински резултати се постигнуваат кога медицината, технологијата и човековата грижа се спојат во едно.
Извор: N1info.rs