Тајната „југословенска девојка“ во досиејата на Епстaјн: Којa е жената што со години ја следи најмрачната афера во САД?

Иако во американските документи таа постојано е нарекувана „Југословенка“, подоцнежни медиумски истражувања покажуваат дека Марчинкова најверојатно е државјанка на Словачка

Декласификувани документи на американското Министерство за правда повторно ја вратија во фокус една од најконтроверзните и највознемирувачки афери во современата историја – случајот на Џефри Епстaјн. Меѓу илјадниците страници сведоштва, полициски записници и судски документи, се издвојува приказната за мистериозна девојка која со години се споменува како „југословенска сексуална робинка“.

Според анализата на хрватскиот „Вечерњи лист“, станува збор за Нада, односно Надија Марчинкова, родена во 1985 година. Нејзиното име се појавува во повеќе официјални документи од истрагите водени во САД, каде што е опишана како лице кое Епстaјн наводно го донел од поранешна Југославија и кое подоцна станало дел од неговото најтесно опкружување.

Сведоштва од истрагите

Во полициски записник од 2005 година, една од жртвите сведочи дека Епстaјн се фалел оти ја „купил“ девојката од Југославија додека таа била малолетна. Истото тврдење подоцна било повторено и од полициски детектив пред големата порота во 2006 година. Во документите се наведува дека Марчинкова живеела во куќата на Епстaјн во Палм Бич, Флорида, и престојувала во САД со таканаречена манекенска виза.

Иако во американските документи таа постојано е нарекувана „Југословенка“, подоцнежни медиумски истражувања покажуваат дека Марчинкова најверојатно е државјанка на Словачка, што никогаш формално не било коригирано во истражните материјали.

Улога во мрежата на злоупотреба

Сведоштвата опишуваат организиран систем во кој малолетни девојки биле носени во домот на Епстaјн под различни изговори, а потоа биле вовлекувани во злоупотреба. Во дел од тие искази, Марчинкова се споменува како лице кое учествувало во контактите со другите девојки и било присутно во некои од настаните што подоцна станале предмет на обвиненијата.

Во форензички финансиски документ од 2023 година, поврзан со истрага на банкарските трансакции на Епстaјн, повторно се споменува жена која тој „наводно ја купил од родителите во Југославија на 14-годишна возраст“. Во истиот документ таа е рангирана како втора најблиска соработничка на Епстaјн, веднаш по Гислејн Максвел, која во меѓувреме е правосилно осудена за посредување во сексуална трговија со малолетници.

Политички и општествени импликации

Новите објави повторно ја разгореа јавната дебата за мрежата на моќни луѓе поврзани со Епстaјн. Аудио-снимки и електронска пошта укажуваат на негови контакти со бројни политички и бизнис фигури, вклучувајќи го и актуелниот американски претседател Доналд Трамп. Иако Трамп негира каква било директна вмешаност, документите потврдуваат дека бил запознаен со Епстaјн и престојувал во неговиот дом.

Џефри Епстaјн беше пронајден мртов во затворска ќелија во Њујорк во август 2019 година, додека чекаше судење за сериозни обвиненија за трговија со луѓе и злоупотреба на малолетници. Неговата смрт не стави крај на прашањата – напротив, секоја нова објава открива колку длабоко и системски бил вкоренет овој случај.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни