Тајфунот Калмега досега зеде 39 жртви на Филипините

Бројот на жртвите од тајфунот Калмега, што ги погоди централните Филипини, денеска се зголеми до 39, изјави локален владин претставник.

„Смртните случаи се должат на давење и урнати структури, изјави во телефонски разговор Анџелисе Оронг од покраинската информативна служба“, објавија британските медиуми.

Американските медиуми јавуваат дека тајфунот предизвика силни поплави кои во повеќе населби ги заробија жителите на покривите од куќите и потопија многу автомобили, а, исто така, расели и десетици илјади лица.

Тајфунот претпладне беснееше над градот Баколод, во покраината Негрос Оксидентал, беше проследен со ветрови до 140 километри на час и налети до 195 километри на час, по што околу полноќ пристигна до копното, во градот Силаго, во покраината Јужен Лејте.

Пријавени се прекини на електричната енергија низ целата покраина и во Јужен Лејте.

Генералниот секретар на Филипинскиот Црвен крст, Гвендолин Панг, изјави дека жителите се заробени на покривите на куќите во градот Лилоан во покраината Себу.

„Добивме многу повици од луѓе кои бараат помош, но тоа е невозможно во моментов поради големата количина на остатоци и поплавни води“, изјави Панг за американските медиуми.

Во покраината Источен Самар, силните ветрови оштетија околу 300 куќи во заедницата Хомонхон, дел од градот Гуиуан, но нема повредени или смртни случаи, објави градоначалничката Анализа Гонзалез Кван.

Метеоролозите изјавија дека Калмеги, 20-тиот тропски циклон што ги погоди Филипините оваа година, продолжи да се движи кон запад со брзина од 25 километри на час и вечерва илчи утре изутрина треба да се упати кон Јужното Кинеско Море.

Пред ударот на тајфунот, повеќе од 150.000 луѓе беа евакуирани од источните покраини.

Поради бурата и немирното море, беа суспендирани линиите на меѓуостровските фериботи, оставајќи повеќе од 3.500 патници блокирани во речиси 100 пристаништа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни