Тајфунот „Фанг-вонг“ го поплави Тајван: Илјадници евакуирани, десетици повредени

Тајфунот „Фанг-вонг“ донесе поројни дождови и катастрофални поплави на Тајван. Евакуирани се повеќе од 8.000 луѓе, а најмалку 51 лице е повредено. Властите предупредуваат на нови врнежи и ризик од одрони.

Тајван евакуираше повеќе од 8.300 лица поради силниот тајфун Фанг-вонг, кој донесе обилни дождови и предизвика тешки поплави во источните делови на островот.

Според локалните власти, 51 лице е повредено, а бројни домови и деловни објекти се под вода. Училиштата и повеќето компании во јужните региони на Тајван останаа затворени.

Телевизиските снимки прикажуваат вода до појасот во руралниот округ Јилан, каде што војници спасуваа жители заробени во домовите.

„Водата навлезе за неколку минути. Дождот беше толку силен што канализацијата не можеше да ја прими водата,“ изјави рибарот Хунг Чун-ји од источниот пристанишен град Суaо, каде што нивото на водата достигнало 60 сантиметри.

Во градот Донгшан, исто така во округот Јилан, за само еден ден наврнале 794 милиметри дожд, соопшти метеоролошката служба.

Најпогодени области се Јилан и Хуалиен, каде што монсунски ветрови од север ја зголемија количината на врнежи. Властите предупредија дека поплавите би можеле дополнително да се прошират во текот на денот.

Според прогнозите, тајфунот ќе го погоди јужниот крај на Тајван пред да се премести кон Тихиот Океан. Иако „Фанг-вонг“ значително ослабна по преминот преку Филипините, каде што загинаа 27 лица, тој сè уште претставува опасност поради поројните дождови и одрони на земјиште.

Минатиот месец, сличен тајфун предизвика поплави во Хуалиен, при што загинаа 18 лица.

Овојпат, тајфунот нема директно да го зафати градот Хсинчу, каде што се наоѓа седиштето на TSMC, водечката светска компанија за производство на чипови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни