Силен тајфун на Филипините — најмалку четворица загинати и илјадници евакуирани

Тајфунот Калмаеги донесе ветрови до 180 километри на час, поплави цели градови и предизвика хаос во воздушниот сообраќај — додека соседен Виетнам се подготвува за ударот.

Најмалку четири лица загинаа, а илјадници се евакуирани поради силниот тајфун Калмаеги, кој денес ги погоди централните делови на Филипините, предизвикувајќи катастрофални поплави и уништени домови, јавува Reuters.

Иако тајфунот ослабе откако рано утринава пристигнал на копното, продолжи да носи ветрови со брзина од 130 км/ч и удари до 180 км/ч, движејќи се преку островите Висајас кон Јужното Кинеско Море. Тајфунот одзема три животи во Себу, додека пак во соседната провинција Бохол, едно лице загинало откако дрво паднало врз него, соопштија властите.

Фотографии на Филипинскиот Црвен крст покажуваат спасувачи кои со чамци се движат низ улици со вода до колена, извлекувајќи заробени жители од домовите. Во градот Лилоан куќите се целосно потопени, а на снимките се гледаат само покривите и горните катови.

Поради невремето беа откажани над 180 летови, а државната метеоролошка служба PAGASA издаде предупредување за жестоки бури и по живот опасни бранови високи и до три метри.

Во соседен Виетнам, властите веќе се подготвуваат за „најлошото сценарио“, очекувајќи тајфунот да пристигне во четврток навечер. Земјата сè уште се опоравува од поплави во кои во последната недела загинаа најмалку 40 лица.

Филипините, кои годишно ги погодуваат околу дваесет тропски бури, повторно се соочуваат со сериозни климатски предизвици. Земјата сè уште закрепнува од септемврискиот супертaјфун Рагаcа, кој го парализираше северниот дел на архипелагот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни