Реакторот број 2 во нуклеарната централа Маншан, во јужен Тајван, со капацитет од 951 мегавати, треба целосно да биде затворен до полноќ по локално време, откако истече неговата 40-годишна лиценца за работа, наведе државниот снабдувач со енергија „Taipower“.
Со овој потег тајванската влада го исполнува клучното ветување од енергетскиот план од 2016 година. Одлуката во голема мера беше под влијание на нуклеарната катастрофа во Фукушима, Јапонија, во 2011 година.
-Ова испраќа силна порака не само до другите азиски земји како Јапонија и Кореја, туку и до остатокот од светот дека нуклеарната енергија е непотребна, изјави за ДПА, Јусен Асука, професор на јапонскиот универзитет Тохоку.
Затворањето на старите нуклеарни централи на Тајван започна во 2018 и 2021 година, по што следеше затворањето на првиот реактор на Маншан во јули 2024 година.
На својот врв во средината на 1980-тите, кога сите шест реактори беа активни, нуклеарната енергија обезбедуваше повеќе од 50 отсто од електричната енергија на Тајван, но во 2024 година нејзиниот удел се намали на околу три отсто.
Според „Taipower“, 82,1 отсто од електричната енергија на Тајван минатата година доаѓаше од фосилни горива, а 11,9 отсто беше генерирана од обновливи извори на енергија.
Во петокот, премиерот Чо Јунг-таи ја увери јавноста дека снабдувањето со електрична енергија ќе остане стабилно и покрај зголемената побарувачка, поттикната од клучните индустрии како што се полупроводниците и вештачката интелигенција. Иако резервната маргина малку ќе се намали со затворањето, таа сепак ќе остане над безбедносните прагови.